Не е вистина дека вакцините не спречуваат заразни болести

Објавено на 10 декември, 2021 во 09:57

Благодарејќи на имунизацијата многу заразни болести кои во минатото претставувале значаен јавно-здрaвствен проблем затоа што предизвикувале висок морбидитет, односно морталитет кај децата и возрасните, или предизвикувале компликации и инвалидитет, денес се елиминирани или ставени под контрола, сведени на поединечни случаи без смртен исход и трајни последици. Вакцините помагаат да се стават под контрола преку 20 болести како туберкулоза, дифтерија, детска парализа, сипаници, заушки и многу други кои без вакцините би биле смртоносни за многу луѓе ширум светот. Податоците на СЗО велат дека вакцинирањето спречува два до три милиони смртни случаи од болести во светот секоја година

Објава на Фејсбук неосновано промовира штетност на вакцините и тоа генерално за сите вакцини и за сите болести. Ова е целосна невистина. Не е точно дека вакцините нè трујат, дека не спречуваат заразни болести или дека примена вакцина значи болест до крајот на животот. Напротив, тие спасуваале и спасуваат милиони луѓе годишно.

Во постот се вели:

И да ме нарекуваат анти-ваксер,

не е проблем,

бидејќи да,

јас сум против вакцините.

Бидејќи поради тие вакцини што ги имаме примено во своето детство, сега сме доживотни пациенти на Big Pharma.

Се е лага дека вакцините ги спречиле заразните болести, затоа што прво те троват, па ти даваат решение – “вакцина” ,а тоа ти е болест до крајот на животот.

Ве лажат мили мои,

ве лажат уште од мали…

Ве убиваат,

додека глумат дека ве спасуваат.

Имунизацијата претставува еднo од најголемите достигнувања во историјата на медицината и е најбезбедна, најефикасна и економски најоправдана превентивна мерка, која директно допринесува за намалување на морбидитетот и морталитетот од заразните заболувања.

Благодарејќи на имунизацијата многу заразни болести кои во минатото претставувале значаен јавно-здрaвствен проблем затоа што предизвикувале висок морбидитет, односно морталитет кај децата и возрасните, или предизвикувале компликации и инвалидитет, денес се елиминирани или ставени под контрола, сведени на поединечни случаи без смртен исход и трајни последици. Вакцините се од клучно значење за спречување и контрола на епидемии на заразни болести.

Вакцинацијата помага да се стават во контрола преку 20 болести како туберкулоза, дифтерија, детска парализа, сипаници, заушки и многу други кои без вакцините би биле смртоносни за многу луѓе ширум светот. Податоците на Светската здравствена организација (СЗО) велат дека вакцинирањето спречува два до три милиони смртни случаи од болести во светот секоја година.

Според СЗО, вакцинацијата е едноставен, безбеден и ефикасен начин за заштита на луѓето од штетни болести, пред да дојдат во контакт со нив. Вакцините ја користат природната одбрана на вашето тело – имунолошкиот систем за да ги препознае и да се бори против вирусите и бактериите, а со тоа да создаде отпорност на специфични инфекции. По вакцинацијата, ако телото подоцна е изложено на тие микроби што предизвикуваат конкретна болест, веднаш е подготвено да ги уништи, спречувајќи да се развие болест.

Како функционираат вакцините?

Вакцините го намалуваат ризикот од заболување работејќи со природната одбрана на вашето тело за да се изгради заштита. Кога ќе добиете вакцина, вашиот имунолошки систем реагира и:

  • Ги препознава бактериите кои напаѓаат, како што се вирусите или бактериите.
  • Произведува антитела. Антителата се протеини природно произведени од имунолошкиот систем за борба против болести.
  • Се сеќава на болеста и како да се бориме со неа. Ако потоа бидете изложени на микроби во иднина, вашиот имунолошки систем може брзо да го уништи пред да се разболите.

Затоа, вакцината е безбеден и паметен начин да се произведе имунолошки одговор во телото, без притоа да се предизвика болест.

Нашиот имунолошки систем е дизајниран да памети. Откако ќе се изложиме на една или повеќе дози на вакцина, ние остануваме заштитени од болеста со години, децении или дури и цел живот. Наместо да се лекува болеста откако ќе се појави, вакцините нè спречуваат да се разболиме.

Важно е да се потенцира дека целта на имунизацијата е да спречи тежок облик на болеста и смртност, односно да спаси човечки животи. Освен тоа, со вакцинирањето не се заштитуваме само себеси, туку и оние околу нас. Ова е особено важно, бидејќи одреден дел од популацијата, како оние кои се сериозно болни, кои имаат одредени алергии и многу мали бебиња, се советуваат да не примаат одредени вакцини – така што тие зависат од останатите кои треба да се вакцинираат и да помогнат да се намали ширењето на болести.

Со гледање на пошироката слика и земајќи го предвид сите факти, никако не може да се изведе заклучок дека вакцините се отров и не спречуваат заразни болести. Вакви фабрикувани објави коишто се дел од една поширока антиваксерска кампања, сериозно може да му наштетат на јавното здравје.

Објавувањето лажни вести имаат за цел да ги убедат граѓаните да не се вакцинираат, иако вакцините се единственото познато оружје во справување со коронавирусот, но и со многу други заразни болести и спасуваат милиони животи.

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Сподели:

Напиши коментар

Станете член на ДУМА.мк и споделете го вашето мислење преку коментар. Кликнете тука за да се најавите.