На граѓаните и на велешките фирми им се потребни образувани занаетчии од Дуалното образование во средните стручни училишта
Кариерни катчиња во основните училишта преку кои учениците уште во осмо и девето одделение, со оглед на покажан успех и предиспозиции, стручни советници ќе ги насочуваат за избор на професија беше првото барање на претставниците на бизнис заедницата во Велес. По веќе востановеното Дуално образование во средните стручни училишта кое ги дава првите резултати за образовани млади луѓе коишто со своите квалификации наместо да чекаат ќе имаат обезбедено работно место во компаниите сега потребно е да се направи чекор понапред и да се вклучат во овој проект и основните училишта предложи Љубица Јаневска од фирмата „Ронтис“.
-Затоа што како компании кога се преставувавме на отворените денови за упис во прва година во средните училишта во Велес забележавме дека учениците и нивните родители веќе имаа креирано мислење за упис. Мислам дека е потребно вклучување на основните училишта токму преку Кариерни катчиња за да ги насочуваат односно да им помагаат на учениците да се препознаат каде можат да го продолжат средното образование. Исто така сметам дека потребно е и поголемо вклучување на локалните институции, на општината, во подготовката на анализите за да добиеме поцелосни информации колку ученици се запишале но не го завршиле или воопшто не се запишале во средно училиште, додаде Јаневска.
Сопственици на фирми укажаа дека нема доволно квалификувани мајстори за секојдневни услуги како на граѓаните така и за работна сила во нивните компании. Оние што постојат наплаќаат енормно високи цени за поправка на електрични уреди или за водоинсталатерски работи или работат во фирмите во индустриските зони во Скопје. Постојат и голем број на млади луѓе со завршено средно образование но без потребни квалификации. Нив ги нема во евиденцијата на Агенцијата за вработување па затоа беше побарано државата да вложува и во нивната преквалификација или доквалификација.
Јосиф Манев од компанијата „Пескара Вел“ реагираше на укинувањето на седиштето на Регионална Стопанска комора во Велес и го отвори проблематичното прашање за малите занаетчиски фирми кои не можат да најдат работна сила бидејќи ја нема на пазарот на трудот во Велес. Големите фирми, особено странските инвеститори, ќе се снајдат но што со домашните компании, со помалите занаетчиски фирми кои имаат голема побарувачка на квалификувани мајстори а не можат да ги најдат, прашаше Манев.
-Струките кои што се најпотребни и којшто се барани на пазарот на труд во државата па и во Европа ги немаме во образовниот процес. Недостасува квалификувана работна рака од профилите електро или водоводџискиот занает. Потребно е сопствениците на компаниите да понудат повисоки плати но исто така потребно е да постојат како образован и квалификуван кадар на домашниот пазар на труд. Во овој момент државата и градот се многу сиромашни со стручна работна сила. Велес како поранешен индустриски град сеуште располага со стручен кадар но тој работи во странските фирми во Скопје кои денеска се тука но можеби утре ќе ги нема. Мојата фирма е семејна, моите деца ќе продолжат да работат во неа. Сметам дека е потребна соработка со Стопанската комора, со државата, со училиштата со сите засегнати страни на оваа тема, додаде Манев.
Според Бојан Несторовски од фирма „Смелтинг“ државата потребно е да подготви поширока анализа која што ќе ја отслика точно состојбата потребите од работна рака за компаниите во Велес.
-Анализа за какви компании постојат и каква можност за вработување на учениците нудат досега не е направена ни во Министерство за економија ниту во Министерство за образование. Кога се отвораат безцаринските индустриски зони, за кои ние како приватници, најмногу плаќаме и придонесуваме за нивниот развој, кога кажуваме дека ја поттикнуваме соработката помеѓу странските инвеститори и домашните фирми морам да кажам дека таму работат луѓе коишто немаат информации за тоа што нуди македонското стопанство. Зборувам со цел ние како домашни компании да можеме индиректно да ги развиваме нашите домашни производи за познати странски купувачи, додаде Несторовски.
Овие сугестии и предлози ги слушнаа преставниците на Министерството за образование, Платформата за јавен приватен дијалог, Центарот за стручно образование и обука како и на Сојузот на стопански комори на настан во Велес. Целта на настанот беше да се креира квалификуван и стручен кадар кој ќе одговара на потребите на пазарот на трудот, но и да се зголеми можноста за вработување на младите луѓе.
Градоначалникот Марко Колев пред присутните го најави своето лично посредување помеѓу бизнис заедницата и останатите засегнати страни преку директна посета на сите велешки компании се со цел на утврдување на точна состојба што потоа ќе биде сугерирана при изборот на струките за потребите на образовните институции во Велес.
Убавка Јаневска