Деца без родители имаат потреба од отворена врата на домови и живот во згружувачко семејство во Велес (фото)
Цеце Николова е дете коешто останало без родители а денеска е полнолетна девојка полна со позитивна енергија и ведри насмевки. Ведриот дух на оваа девојка блика со искреност и охрабрува многу семејства во Велес, во кои има услови за споделување на љубов, да ги отворат вратите на своите домови за згрижување на дете без родители.
-Јас од седум години па се до мојата осумнаесет годишна возраст растев кај мојата згрижувачка мајка Наташа. Можам слободно да кажам дека имам многу убаво искуство и во овој момент сакам да упатам апел и да ги охрабрам сите коишто сакаат да згрижат дете, имаат простор во својот дом, но и љубов којашто сакаат да ја споделат, да го посетат сајтот на zgrizuvanje.mk и да станат згрижувачи, додаде Николова.
Токму такво е велешкото семејство Дурмишовски. Тоа веќе со генерации е препознатливо во локалната заедница како пример на посветено и доблесно за згрижување, воспитување, растење, образување на деца без родители. По стапките на свекорот Исмаил сега цврсто чекори снаата Фераја Дурмишовска. Таа е згрижувачка мајка на четири деца. Дурмишовска ги повика велешани на добродушност и хуманост за децата без родители како и споделување на топлина, љубов и грижа за оваа категорија на граѓани во Македонија.
-Кога слушнав за згрижување на дете ми делуваше чудно бидејќи не знаев што точно значи тоа. Но кога за прв пат станав мајка почуствував. Ние родителите се грижиме дали нашето дете денеска е јадено, дали добива доволно внимание и љубов и со самото тоа сфатив дека на дечињата без родители несебично им се потребни токму љубовта и грижата коишто нема кој да им ја даде. Така станав згрижувач и имам четири дечиња, додаде Друмишовска.
Во Велес згрижени се 22 деца од страна на девет семејства. Заменик министерот за труд и социјална политика Енвер Хусејин на настанот во Велес „Подај рака и промени живот! Стани згрижувач“, апелираше за што поголема хуманост за секое дете, коешто има право да расне во семејство и да има топол дом.
-Ги повикувам сите семејства во државата да го поддржат овој проект „Подај рака и промени живот! Стани згрижувач“. Да бидат хумани и да им пружат рака на овие деца бидејќи секое дете коешто го изгубило родителското право, заслужува повторно да го стекне. Сите семејства коишто се заинтересирани и сакаат да добијат повеќе информации за згрижувачки семејства, потребно е да се обратат до сите центри за социјална работа. Надоместокот што го добиваат за секое згрижено дете изнесува месечно околу 16.000 денари. По 15 години стаж на згрижувачко семејство се стекнува право на социјален паричен надоместок од државата што може да претставува замена за пензија, додаде Хусејин.
Во Велес, овој хуман настан не привлече големо внимание од страна на граѓаните. Но тоа не значи дека велешани не можат да ја покажат доблеста и во своите семејства да згрижат дете без родители бидејќи во државните институции постојат дечиња што за една искрена и топла прегратка чезнеат деноноќно.
Информации се добиваат во Центарот за поддршка на згрижувачки семејства „Дом за доенчиња“ во Битола, Центар за поддршка на згрижувачки семејства „11-ти Октомври“ како и Центар за поддршка на згрижувачки семејства „СОС Детско село“ или преку веб страницата zgrizuvanje.mk.
Стефани Манева