Тандем велешки снаи победнички на кулинарското шоу „Манџа“ (фото и видео)
Наталиа Нацева со потекло од Русија и Анжелика Димовска со потекло од Украина се велешки снаи, коишто заедно, како тим, се натпреваруваа во кулинарското шоу „Манџа“ и успеаа да ја освојат првата награда. Тие случајно се пријавиле и скоро три месеци се натпреварувале во оваа емисија. Во првите две емисии подготвувале Славјанска традиционална маса додека во супер финалето Славјанска царска маса.
– Во првата емисија подготвивме традиционална славјанска маса којашто вклучуваше салата мимоза, манџа чорба Боршч и торта Наполеон. Потоа во втората емисија подготвивме пилешка салата со ананас, супа Солјанка и торта Манастирска Куќа. Во финалната емисија зготвивме вкусна салата Рубинов прстен, Царско полнето месо и Кралска торта. Не ми се веруваше дека ја освоивме првата награда. На почетокот повеќе размислувавме што да зготвиме и што би им се допаѓало на куварите. Како да ја украсиме масата но и како да ја победиме тремата. Во секоја наредна емисија вложувавме многу труд и на крај успеавме и победивме, рече Нацева.
Како што велат, сите подготвени јадења посебно им се допаѓале на куварите коишто секој пат биле пријатно изненадени и воодушевени. Тоа го сведочат и низата награди коишто ги добивале за време на натпреварувањето покрај првата главна награда.
-Најпрво победивме во неделниот натпревар со подарок ваучер од 9.000 денaри потоа победивме и на месечниот натпревар со ваучер од 30.000 од „Комодита“ и на самиот крај се издвоивме како победници и добивме ваучер од 123.000 од мебелен салон „Форма нова“. Исто така, два пати, добивме ваучери од по 6.000 денари благодарение на народот којшто гласаше преку интернет на официјалната страна на Канал 5. Сите коишто не следеа постојано ни кажуваа дека заслужено сме ги добивале сите награди бидејќи се изгледало убаво и превкусно, додаде Димовска.
Таа, исто така, подготвува дел од овие јадења и по порачка, на пример, тортата Наполеон од првата емисија, којашто можете да ја порачате и да уживате во нејзиниот вкус.
За време на натпреварувањето тие имале голема поддршка како од публиката така и од водителите, куварите коишто секогаш биле одлично расположени но и нивната другарка Дариа Нацева. Таа исто така е велешка снаа со потекло од Русија којашто се истакнува со своите рачни ракотворби коишто секоја емисија ја украсувале трпезата.
Исто така, за време на првата емисија посебен впечаток оставил и хорот „Славјанка“ којшто пееле македонски, руски и украински песни.
Овие велешанки полни со идеи и ентузијазам се пример во општеството дека љубовта, почитувањето и пријателството се најсилните водилки низ животот. Тие се пример дека низ животните води треба да плови мирот а не војната бидејќи луѓето заедно сплотени можат да го освојат светот како што тие го освоиле првото место во ова кулинарско шоу.
Стефани Манева
Во продолжение можете да ги погледнете сите емисии од кулинарското шоу „Манџа“ .