Oд петок почнува „Тиквешки гроздобер 2022“ (видео)
Кавадарци ги прави последните подготовки за големата манифестација во чест на грозјето и виното – „Тиквешки гроздобер“. Годинава организаторот најавува три дневна голема забава за сите вкусови и генерации.
„По две години пауза, кавадарчани заслужуваат оваа година да ја имаат најуспешната манифестација Тиквешки Гроздобер, затоа што оваа манифестација е традиција, а традицијата не само што треба да се негува, туку и да се збогатува“ рече на денешната прес конференција градоначалникот на Кавадарци, Митко Јанчев и нагласи дека годинава големо внимание покрај на сите содржини, се обрнува внимание на Карневалското дефиле на кое ќе земат учество многу карневалски групиод Кавадарци но и од збратимени градови од Балканот.
Што се однесува до финансиската конструкција за самиот Гроздобер,оваа година Општина Кавадарци учествува со 5.500.000 денари, а околу 5 милони денари се средства донирани од многу наши општествено одговорни компании ,блиски соработници и секако генералните спонзори.
Јанчев се заблагодари на сите спонзори кои годинава ја поддржуваат манифестацијата. Генерални спонзори се „Еуроникел“, „Кожувчанка“, „в.в Тиквеш“, „в.в „Гоце Делчев“, „Градба промет“.
Градоначалникот рече дека и на оваа манифестација како организатори ќе посветат големо внимание на безбедноста на сите гости кои ќе присуствуваат на гроздоберот.
„Околу 100 луѓе се вклучени во делот на паркирање на гостите кои ги очекуваме овие три дена, пожарникарите помагаат во делот на логистиката, и буквално сите си го знаат местото, со цел да биде успешно и безбедно спроведена целата манифестација“ рече Јанчев и додаде дека се очекува голема посетеност.
„Почнуваме во петок во 18 часот на Градскиот плоштадкога и официјално ќе го прогласиме Тиквшкиот Гроздобер за отворен. По што следува настап на наш локален бенд Фор Бенд, трка со келнери на улицата Илинденска на која ќе земат учество околу 10-тина учесници од повеќе општини од Македонија, избор на најдобар коктел со вино на Градски плоштад. Вечерта забавата продолжува со македонскиот бенд Зи Бомб, по нив во моментот најатрактивните имиња на балканската сцена за помладата публика, Нучи и Војаж, и за крај завршуваме со настап на ДЈ Че“ најави Лилјана Митрова од општина Кавадарци.
Во сабота манифестацијата започнува со настап на Детскиот фестивал Гроздоберче, по што следува традиционалната Таблијадата на малото паркче на која се пријавени 20 учесници, околу 40 Точакџии со градска рута ,меморијален турнир во чест на трагично загинатите сестри Китеви Елизабета и Антоанета во Спортскиот Центар Јасмин Кавадарци,а вечерта настап ќе има македонскиот бенд Артист бенд, потоа Игор Џамбазов и Гуру Харе, и за крај балканската звезда Харис Џиновиќ.
Во недела во програмата е изложба на олд тајмери со учество на 30 автомобили, а од 18 часот ќе започне карневалското дефиле од новиот центар. Музичкиот дел на градскиот плоштад започнува со настапот на популарната Антониа Гиговска, а завршува со настапот на човекот кој е повеќе од 30 години на музичката сцена на балканските и светските простори, поранешен фронтмен на групата Бјело Дугме, Горан Бреговиќ и неговиот оркестар.
Додека трае целата манифестација, односно за сите три дена во градското подрачје, во Паркот на револуцијата кој се наоѓа наспроти полициската станица се предвидени настапи со староградска музика на локални бендови и дегустација на храна, вино и ракија.
Ангел Данов