Осомничена и притворена кавадарчанка за убиство на својот деветнаесет години постар љубовник
Педесет и едно годишната М.Б од Кавадарци е лишена од слобода од страна на полициски службеници на Сектор за внатрешни работи Велес и- ОВР Кавадарци во координација со Одделот за криминалистичка полиција, на Сектор за општ и насилен криминал. Кавадарчанката е осомничена за сторено кривично дело „убиство“ по чл. 123 од Кривичниот законик.
М.Б на 6 септември, годинава, била во домот на седумдесет годишниот И.М. во Кавадарци, со кого била во љубовна врска. Тогаш се случила вербална расправија како и меѓусебна физичка пресметка, во која осомничената со остар предмет му нанела повреди на И.М., а потоа истурила запалива течност врз телото, го запалила и го напуштила местото.
По наредба од Основен суд Кавадарци извршени биле претреси во домот на осомничената, при што се пронајдени и одземени предмети кои потекнуваат од кривичното дело, а при извршен службен разговор, таа делото го појаснила во целост.
Против М.Б од ОВР Кавадарци до Основното јавно обвинителство Кавадарци поднесена е кривична пријава, а од страна на судија од Основен суд Кавадарци одредена ѝ е мерка притвор во времетраење од 30 дена.
Убавка Јаневска