ЕУ не го воведува кинескиот социјален кредит за контрола и следење на луѓето
Социјалниот кредитен систем на Кина е сосема различен од предлог законот за вештачка интелигенција на Европската Унија. Демократскиот свет е ужаснат од кинеската практика на користење биометриски податоци и препознавање на лица за контрола на населението. Никаде во предлогот законот за вештачка интелигенција на ЕУ не стои дека секој човек ќе биде обележан и контролиран, а уште помалку уништен. Напротив во сите делови се нагласува заштитата на човековите права и приватност
Рецензираме пост на социјалната мрежа Фејсбук во кој се тврди дека Европската Унија ќе го воведува кинескиот социјален кредит, а секој човек ќе биде обележан, контролиран и уништен. Ова е бесмислена лага.
Во постот стои:
ЕУ тоталиризам. Кинески Социјален кредит во ЕУ . Секоја СТОКА во лик на човек ке бидит обележана, контолирана, и уништена.
Зомбификацијата е само почетокот .
А СЕ беше само теорија на заговор.
Во објавата се споделува и видео од говор на романскиот европратеник Кристијан Терхеш во кое тој тврди дека социјалниот кредит на Кина доаѓа во Европа и се креира систем за следење, контролирање и ограничување на правата на европските државјани.
Ова не е точно. ЕУ го подготви предлог законот за вештачка интелигенција, но тој нема допирни точки со социјалниот кредит на Кина. Демократските земји се ужаснати од социјалниот кредит на Кина и спротивно на тврдењето на авторот, во предлог законот за вештачка интелигенција има забрана за користење на вештачката интелигенција за масовен надзор и социјални кредитни резултати.
Што всушност претставува кинескиот социјален кредит?
Кинескиот социјален кредитен систем е систем со големи податоци за следење и обликување на деловното однесување и однесувањето на граѓаните, а достигнува и надвор од границите на Кина.
Системот, се користи за масовно следење, серија процеси овозможени од големи податоци и вештачка интелигенција кои ефективно им даваат на субјектите социјален кредитен рејтинг врз основа на нивното социјално, политичко и економско однесување.
На луѓето со ниски резултати може да им се забрани да пристапуваат до одредени услуги, вклучувајќи летови и патувања со воз, или пак да се стават на црната листа, додека оние со високи оценки можат да пристапат до привилегии.
Критичарите на кинескиот социјален кредитен систем велат дека тоа е алатка за општествено следење и политичка репресија, но кинеската влада вели дека тоа е начин за зајакнување на административната ефикасност и охрабрување на довербата и моралното однесување на нејзините граѓани.
Луѓето можат да бидат ставени на црна листа за прекршоци како што се пушење во возови, користење истечен билети или неплаќање казни, како и ширење лажни информации или предизвикување проблеми на летовите, според изјавите објавени од кинеската Национална комисија за развој и реформи во март. Граѓаните со високи кредитни оценки можат да пристапат до подобри хотели, домови за изнајмување, па дури и училишта; додека на оние со ниски кредитни оценки може привремено или трајно да им биде забрането да се возат во авиони или возови, како што се случи со 6,15 милиони луѓе во 2017 година, според податоците на самата влада, пренесува Гардијан во својот текст објавен во јуни 2018 година.
Што содржи предлог законот за вештачка интелегенција на ЕУ ?
Наспроти кинескиот социјален кредит во предлог законот за вештачка интелигенција на ЕУ има забрана за користење на вештачката интелигенција за масовен надзор и социјални кредитни резултати.
Користењето на софтвер за вештачка интелигенција за масовно следење и рангирање на социјалното однесување наскоро би можело да биде забрането во Европа, според нацрт-законот. Документот од 81 страница, вели дека:
Недискриминираното следење на физичките лица треба да биде забрането кога се применува на генерализиран начин за сите лица без диференцијација.
Во октомври 2020 година, Европскиот парламент усвои голем број резолуции поврзани со вештачка интелигенција, вклучително и за етика, одговорност, авторски права, вештачката интелигенција во кривична материја, и вештачка интелигенција во образованието, културата и аудио-визуелниот сектор.
За социјалното кредитно бодување, кое веќе се користи во Кина за да ги спречи луѓето да патуваат ако направат „социјални злодела“, нацрт-законот вели: „Системите за вештачка интелигенција што се користат за општа намена социјално бодување“ треба да бидат забранети, објави CNBC во април 2021 година.
Резолуцијата на Европскиот парламент за рамката на етичките аспекти на вештачката интелигенција, роботиката и сродните технологии конкретно и препорачува на Комисијата да предложи законодавна акција за искористување на можностите и придобивките од вештачката интелигенција, но првенствено и клучно да се обезбеди заштита на етичките принципи, стои во нацрт-законот.
Вештачката интелигенција не треба да биде цел сама по себе, туку алатка која треба да им служи на луѓето крајната цел за зголемување на човековата благосостојба. Правила за вештачка интелигенција достапни во пазарот на Унијата или на друг начин што влијае на граѓаните на Унијата, треба да ги стават луѓето во центарот, за да можат да веруваат дека технологијата се користи на начин кој е безбеден и усогласеност со законот, вклучувајќи го и почитувањето на основните човекови права.
На 28 септември 2022 година, Комисијата ги исполни целите и барањето на Европскиот парламент со Предлогот Директива за одговорност за вештачка интелигенција (AILD).
Пред донесувањето на предлог законот беше вклучена јавноста. Консултациите беа отворени од 18 октомври 2021 до 10 јануари 2022 година, за да се соберат мислења од сите засегнати страни, вклучувајќи: потрошувачи, граѓански организации, индустрија, здруженија, бизниси, вклучително и мали и средни претпријатија, и јавните власти. По анализирањето на сите добиени одговори Комисијата објави збирен исход.
Предлог законот е резултат на 4 – годишна анализа и блиска вклученост на засегнатите страни, вклучително и академици, бизниси, здруженија на потрошувачи, земји-членки и граѓани. Подготвителната работа започна во 2018 година со формирањето на Експертската група за одговорност и нови технологии. Експертската група подготви извештај во Ноември 2019 година, кој ги процени предизвиците што некои карактеристики на вештачката интелигенција ги поставуваат за националните цивилни правила за одговорност.
Штетните употреби на вештачката интелигенција што се во спротивност со вредностите на ЕУ (како што е општественото бодување од владите) ќе бидат забранети поради неприфатливиот ризик што тие го создаваат, јасно стои на официјалната страница на Европскиот парламент.
Европската Унија следната година би можела да го донесе закон за вештачка интелигенција кој треба да ги поттикне иновациите, а од друга страна да ги спречи девијациите. Со предлогот се забрануваат системи „чија цел е да манипулираат со однесувањето, мислењето и одлуките“ на граѓаните.
Текстот предвидува ограничување на програмите за надзор, со исклучок на областите на борбата против тероризмот и грижата за јавната безбедност.
Така што, социјалниот кредитен систем на Кина е сосема различен од предлог законот за вештачка интелигенција на Европската Унија. Демократскиот свет е ужаснат од кинеската практика на користење биометриски податоци и препознавање на лица за контрола на населението. Никаде во предлогот законот за вештачка интелигенција на ЕУ не стои дека секој човек ќе биде обележан и контролиран, а уште помалку уништен. Напротив во сите делови се нагласува заштитата на човековите права и приватност.
Апсурдно е да се тврди дека почнува „зомбификација“. Зомби е поим со кој се означува мртовец оживеан по магичен пат. Фигуративно се користи за да се означи човек под хипноза, несвесен, но кој сепак може да се движи и да реагира на надворешните дразби. Овој израз често се користи во теориите на заговор, се употребуваше во пандемијата, особено за вакцинацијата.
Поради горенаведените факти овој пост го оценуваме како невистина.
Овој напис е изработен во рамките проектот Промовирање на пристап до веродостојни вести за борба против дезинформации, имплементиран од Фондацијата Метаморфозис. Написот, кој е првично објавен во Вистиномер, e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација NED (National Endowment for Democracy). Содржината на написот е одговорност на авторот и не секогаш ги одразува ставовите на Метаморфозис, НЕД или нивните партнери.
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар