Сообраќајни знаци на автопатот Миладиновци-Штип испочкртани со руски пропагандни симболи, одговорност нема
Симболот на руската окупација врз Украина испишан на знаци на автопатот Миладиновци-Штип; Фото: Мета.мк
Од Јавното претпријатие за државни патишта упатуваат апел за разбирање за опасноста од нанесување графити на сообраќајната сигнализација и опремата на патот. Објаснуваат дека со ваквиот чин се менува содржината на сигнализацијата, со што возачите остануваат неинформирани за условите на патот, што пак може да доведе до сообраќајни незгоди со тешки последици и жртви
Десетина сообраќајни знаци и опрема на автопатот Миладиновци-Штип се испочкртани со проруски пропагандни симболи. Симболот „Z“, со кој се глорифицира руската воена инвазија врз Украина и кој се најде испишан на воените возила со кои Русија ја нападна Украина, заедно со пароли од типот „Братска Русија“, од неодамна се испишани со спреј на сообраќајни знаци на автопатот, на потегот од патарината „Преод“ кај Свети Николе до влезот на Штип.
Мета.мк пред неколку дена го забележа вандалскиот чин, кој покрај тоа што шири туѓа пропаганда во земјава на многу евтин начин, претставува вистинска опасност за безбедноста во сообраќајот, бидејќи сообраќајните знаци треба да служат за информирање на возачите кои управуваат со своите возила.
Од Јавното претпријатие за државни патишта во изјава за Мета.мк упатуваат апел за разбирање на опасноста од нанесување графити на сообраќајната сигнализација и опремата на патот. Објаснуваат дека со ваквиот чин се менува содржината на сигнализацијата, со што возачите остануваат неинформирани за условите на патот, што пак може да доведе до сообраќајни незгоди со тешки последици и жртви.
Сепак, иако наплаќаат патарина од возачите за користење на автопатот Миладиновци-Штип, од Јавното претпријатие за државни патишта велат дека одговорноста за одржување на сообраќајните знаци не е во нивна надлежност.
„Јавното претпријатие за државни патишта одржувањето на државните патишта со договор го препушта на Јавното претпријатие за одржување и заштита на магистралните и регионалните патишта (Македонија-пат)“, велат од ЈП за државни патишта.
Тие објаснуваат дека во Програмата за одржување и заштита на државните патишта за 2023 година, како дел од Договорот помеѓу двете јавни претпријатија, предвидена е прегледувачка и дежурна слжба која ги детектира неправилностите на патот и потоа преку предвидените средства за одредена позиција, ги санира, како што треба да биде во случајов, отстранувањето на графитите од сообраќајните знаци.
„Нанесувањето на графити, независно од содржината, или оштетувањето на сигнализацијата на патот е незаконско согласно со Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата. Јавното претпријатие за државни патишта нема надлежност ниту можност да ги открие сторителите на ваквите незаконски дејствија“, ни одговорија од ЈП за државни патишта.
Мета.мк вчера испрати прашања и до Јавното претпријатие за заштита и одржување на магистрални и регионални патишта – Македонија-пат, но до објавувањето на текстот не добивме одговори на прашањата за тоа дали го имаат забележано направениот вандализам со сообраќајните знаци, што ќе преземат за да ги отстранат ваквите графити од сообраќајните знаци и дали го имаат откриено сторителот на вандалскиот чин.
Овој напис е изработен во рамките на проектот Промовирање на пристап до веродостојни вести за борба против дезинформации, имплементиран од Фондацијата Метаморфозис. Написот, кој е првично објавен во Вистиномер, e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација NED (National Endowment for Democracy). Содржината на написот е одговорност на авторот и не секогаш ги одразува ставовите на Метаморфозис, НЕД или нивните партнери.
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар