(фото) Првачињата насмеани, дотерани и во прегратки на своите наставнички на првиот училиштен ден во ООУ „Св. Кирил и Методиј“ во Велес
Училишните ѕвончиња го одбележаа почетокот на новата учебна година. По летниот три месечен распуст учениците се враќаат во своите школски клупи да го надоградуваат своето образование но и да другаруваат. Меѓу нив денеска, во училишниот двор на најстарото велешко училиште ООУ „Св. Кирил и Методиј“, влегоа и најмалите ученици коишто за прв пат ќе седнат во училишните клупи.
Шеесет и три првачиња убаво облечени и насмеани, заедно со своите родители, чекаа во ред нивните нови наставнички да ги прочитаат нивните имиња и да им се придружат на останатите другарчиња од новиот клас. Наставничките со насмевка ги пречекуваа своите првачиња и гушкајќи се им посакуваа добредојде.
На почетокот на церемонијата директорката на училиштето Маја Јовановска им се обрати на првачињата и им посака да бидат пред се здрави, насмеани и најбитно среќни кога доаѓаат на училиште.
-Вратите на нашето училиште повторно се отворени за нова генерација на првачиња и со заеднички сили верувам дека сите ќе бидат наша гордост. Драги првачиња, знам дека сте најсреќни денес бидејќи имате нова улога во вашиот живот и нов епитет, денес вие станувате ученици. Верувам дека ова е посебен миг за вас, дека сте возбудени што за прв пат ќе седнете во училишните клупи и ќе ја запознаете вашата прва наставничка. Покрај многу знаења, вештини со кои ќе се стекнете во текот на вашето образование, верувам дека ќе стекнете и многу нови другарства коишто ќе траат низ целиот ваш живот. Драги првачиња, сакам да бидете пред се здрави, сакам кога доаѓате на училиште да бидете насмеани, да го сакате училиштето и да го чуствувате како ваш втор дом. Почитувани родители, сите ние имаме надежи за нашите деца и со заедничка соработка, со сите нас коишто сме вклучени во образовниот процес, верувам дека ќе придонесеме учениците да бидат наша гордост, додаде Јовановска.
Сите ученици и ученички добија балонче со испишан натпис „Среќно прваче“ и заедно се упатија кон своите училници кадешто ќе учат и другаруваат. Тие меѓусебе почнаа да си разговараат, да се запознаваат и да другаруваат.
На самиот почеток на свечениот пречек повозрасните ученици припремија перформанс со кој им посакаа добредојде на првачињата. За новиот училиштен почеток тие играа, пееа и глумеа и со тоа ги забавуваа првачињата но и нивните родители, а за возврат добија безброј насмевки и аплаузи.
Инаку, ООУ „Св. Кирил и Методиј“ има седум првачиња запишани во подрачното училиште во село Црквино.
Стефани Манева