Проф. д-р Ќимова: Зголеменото насилство во училиштата бара итна акција!
Во денешно време, насилството меѓу учениците е во постојан пораст, претставувајќи сериозен предизвик за воспитно-образовниот процес и општеството во целина. Насилството се јавува во различни форми какви што се физичко, вербално, психолошко, а се почесто и дигитално – сајбер насилство. Секој вид насилство остава трајни емоционални последици врз учениците, влијаејќи на нивната самодоверба, успех во училиштето и општиот развој.
Физичко насилство е највидливо и се однесува на удирање, туркање, клоцање или намерно нанесување телесни повреди и одземање лични предмети. Вербално насилство се однесува на вербални навреди, понижувања, закани и подбивања кои можат длабоко да го нарушат психолошкото здравје на детето. Социјално насилство се однесува на исклучување од групата,избегнување, изолација, ширење гласини или манипулација. Сајбер насилство е посебно зголемено денес и се однесува на користење на социјалните мрежи за понижување, објавување приватни слики, навредување или заканување на врсници.
Според истражувањата, најчест облик на насилство во светот е вербалното насилство, проследено со сајбер малтретирање, кое забрзано се зголемува поради широка и лесна употреба на технологијата. Во Северна Македонија, исто така, вербалното и социјалното насилство се најзастапени, но не е за занемарување и физичкото насилство, особено во основните училишта.
Локалните истражувања укажуваат дека голем број ученици избегнуваат да зборуваат за ваквите искуства поради страв или недоверба. Во тој контекст, најважно е да се обезбеди атмосвера на поддршка и сигурност во училиштата.
Клучно е родителите и наставниците и покрај многуте обврски да најдат време за отворени разговори со децата и учениците. Редовната комуникација и поддршката можат да помогнат во навремено препознавање и спречување на насилството. Родителите треба да се едуцираат како да воспостават искрен однос со децата, да ги охрабруваат, да зборуваат за своите проблеми и да се справуваат со конфликти на конструктивен начин.
Наставниците, исто така, треба редовно да посетуваат превентивни обуки за справување со насилството во училиштата и да бидат активни посредници во решавањето на конфликти. Доколку се случи инцидент, потребно е веднаш да се преземат мерки за смирување и елиминирање на конфликтната ситуација.
Создавањето поддржувачка атмосвера е клучно за превенција на насилството. Училиштата треба да го поттикнуваат чувството на сигурност кај учениците. Превентивните активности, како што се едукативни работилници, тимски игри и часови за емоционална интелигенција, се важен дел од борбата против насилството.
Во оваа насока, потребна е соработка меѓу училиштето, родителите и заедницата. Само преку заеднички напори можеме да обезбедиме побезбедна и поздрава средина за децата, која ќе им овозможи да растат и да се развиваат како здрави и успешни индивидуи.
Заклучок: Справувањето со насилството бара постојан ангажман од сите засегнати страни поточно родители, наставници и институции. Само преку превенција, навремена реакција и создавање на сигурна атмосвера можеме да ги заштитиме децата и да ги подготвиме за здраво и среќно идно општество.
проф.д-р Ѓорѓина Ќимова
Професор на Меѓународен Славјански Универзитет ,,Свети Николе,,
Свети Николе , Република Северна Македонија
Ин асоцијација-Здружение за педагошко-психолошки едукации и консултации