Велешанката Тина Божикова раскажувач на „3Д“ креативни уметнички приказни (видео и фото)
Кога 12 години од професионалниот живот ќе посветиш на реализација на пасионираната љубов кон природата, поточно на создавање на цветни приказни преку аранжирање на букети и икебани, тогаш најверојатно е полесно креативноста да посакаш да ја надополниш со нов уметнички израз. Треба да си жена, во период од животот во којшто очекуваш да се реализираш како мајка, за длабоко во себе да ја почувствуваш љубовта кон убавината на душата што си ја создала, којашто девет месеци ја носиш во своето тело и очекуваш да и подариш живот. Токму тогаш, во напливот на емоции, откриваш нов креативен начин на професионално изразување коешто споделува љубов и изразува почит. Всушност создаваш нови приказни од или за животот на вљубените, за најмилите, за почитуваните или за саканите, за професионално реализираните. Во исто време раскажуваш и градски приказни за нивните впечатливи, уникатни и единствено препознатливи обележја. Ова е првиот впечаток за младата велешанка Тина Божикова по само неколку телефонски разговори, две средби и разгледување на нејзиното креативно творештво.
И кога прво ќе посакаш да ти го опише својот креативен уметнички израз Божикова вели:
Tехниката преку која оваа велешанка ја изразува својата креативност, Божикова, ја нарекла „3Д техника од хартија , дрво, медијапан и шпертплоча“. Таа не можела да и избере поинакво име бидејќи не познава некој кој што изработува слични приказни , барем не во Македонија. Таа пребарувајќи на интернет имала можност да погледне слични изработки, но почесто од хартија.
-Започнав со изработка на хартиени приказни кога ја родив ќерката Ана, пред скоро девет години. Со приказните од материјали кои потекнуваат од дрво започнав откако го родив синот Иван, пред скоро една година, што значи дека децата ми се моја најголема инспирација за будење на креативноста и уметноста во мене. Рачните изработки најчесто ги правам персонализирани а ги изложувам преку фотографии на мојата Фејсбук страна Forest Stories и на мојот Instagram профил my_ forest_stories. Инапирацијата ја црпам најчесто од интернет, Pinterest и слично, но и од моите клиенти кои со поддршката што ми ја даваат се мотив за уште поубави и поуникатни изработки, додава Божикова.
Процесот на создавање на приказните на Тина започнува со пребарување и избирање на илустрации, кои што мисли дека се добра основа за нивна реализација.
– Мојот сопруг, кој е професор по географија со завршен курс за графички дизајн, ми ги изменува илустрациите и ги црта векторски, кога се работи за создавање на хартиените приказни. Потоа јас ги принтам во боја, ги сечам и ги составувам како „3Д приказна“ во рамка. При создавањето или раскажувањето на приказните од материјали од дрво, почетокот е ист но процесот продолжува со тоа што сопругот ги сече на ЦНЦ машина а јас ги доработувам со акрилни бои и заштитен премаз за да бидат долготрајни. Потоа ги соединувам сите делови во една целина. Сакам да нагласам дека сите мои приказни се производ на нашата брачна тимска соработка, додава Божикова.
Божикова создава приказни скоро една деценија. Во последните две години, непосредно пред раѓањето на синот Иван, започнува со нови изработки од материјалите како што се дрво и медијапан.
Се што досега Тина вложила во нејзиното раскажување на приказните финансирано е од семејниот буџет. Божикова не се пријавила на повици за добивање на финансиски поддршки од грантови на донатори.
Таа во име и на останатите креативни жени во Велес истакна две приоритетни потреби. Првата е поврзана со простор во којшто нивните рачни изработки или креативни уметнички изрази би биле достапни за граѓаните и не само од Велес туку и од државата или надвор од неа. Втората е поттикнувачка за надлежните институции, задолжени за следење и обезбедување на видливост како на уметноста така и на рачните изработки, да препознаваат уникати и да вложат во создавањето на истите. Голем е бројот на жени коишто избрале на овој начин да ја остварат својата материјална егзистенција. Сепак целта е и да се поттикне поголема мотивација, поголем број и видови на креативно творештво, со коешто Велес и Македонија ќе имаат со што да се промовираат како дома така и во странство.
Убавка Јаневска