(Видео) Аутизмот повеќе не е табу тема, потврдуваат животната приказна на мајката Лидија Карастојанова Андова и стручното мислење на специјалната едукаторка Марија Давчевска

Објавено на 3 април, 2025 во 13:36

Не е едноставно да сте родители на дете со попреченост. Воопшто не е лесно и да сте самохрана мајка на дете со аутизам затоа што станува збор за исто така специфична здравствена состојба на која мора да се посветите целосно, 24 часа, за да постигнете резултати. Кога денеска се навраќате на сопствени три децении живот и гледате резултати што ги постигнало вашето аутистично дете тогаш воопшто не е нескромно на јавноста да и соопштите дека имате причина да му се радувате на животот што сте го создале, одгледале и негувале.

Фото: Архива на ОУРЦ „Маца Овчарова“

Вака може да се опише накратко живот на велешанката Лидија Карастојанова Андова, мајка на Јордан, дете со аутизам. Оваа жена, со цврст карактер и неколебливост во намерата ,во исто време, успеала од една страна да одговори на сите работни обврски во фабриката за масло „Благој Ѓорев“, од втора страна максимално да се вложи и работи со сопственото дете во неговиот интелектуален развој  и од трета страна да остане „цврста како карпа“ кога судбината си поиграла и и ја одзела најпотребната потпора, нејзиниот сопруг.

Скромната велешанка и денеска, додека разговараме за успесите коишто ги постигнува нејзиното дете со аутизам, освен што ја прават горда мајка покажува разумност да сподели искуства со секој родител на кого му треба совет, препорака или поддршка.

Јордан е гордост на Лидија но горди на резултатите што децата со аутизам ги постигнуваат се и нивните наставници. Примерот што го посочи Марија Давчевска, специјален едукатор и рехабилитатор, наставник ментор и реедукатор на психомоторика во ОУРЦ „Маца Овчарова“ во Велес е исто така големо охрабрување за родителите на деца со аутизам. Ги има 15 во велешкиот регион и од уште некое друго место од државата, но учат во Велес.

Давчевска е горда на успесите на повеќе ученици кои основно образование завршија во ова државно училиште лоцирано во Велес, во кое таа е вработена. И особено на постигнувањата на Андреј, аутистично дете, коешто продолжи да учи и беше матурант на два образовни профили во ССОУ „Коле Неделковски“ во Велес.

Овие примери му покажуваат на системот во коишто живееме зошто потребно е многу повеќе да вложува во приспособување на наставните програми, методи, градиво, во кабинети и реквизити, прилагодени според потребите и вештините на децата и учениците со аутизам. Во едукација на наставниот кадар. Зошто потребно е да има механизам којшто секојдневно ќе им биде ставен на располагање на родителите да ги сослуша и им даде поддршка, исто како и на наставниците, кои вложуваат напори за да создадат корисни граѓани во локалните заедници од аутистични деца со отсуство на говор, нарушена социоинтерактивна комуникација и свет на имагинација. Да не ја пропуштиме и поддршката од сите нас, граѓаните.

Убавка Јаневска

Сподели:

Напиши коментар

Станете член на ДУМА.мк и споделете го вашето мислење преку коментар. Кликнете тука за да се најавите.