Давчевска: Сепарациона анксиозност кај децата – Поглед на специјален едукатор и рехабилитатор

Објавено на 4 јуни, 2025 во 09:05

Во моето лично професионално искуство и практична работа со деца, родители и воспитно-образовни установи,  како специјален едукатор и рехабилитатор често се сретнувам со деца кај кои раздвојувањето од родителите претставува вистински предизвик. Плачење, страв, одбивање на училиште, тешкотии во адаптација,  сите овие се знаци кои укажуваат на појава која ја среќаваме под името сепарациона анксиозност. Оваа појава не ја гледам како проблем, туку како знак дека детето има потреба од поддршка, стабилност, разбирање и градење доверба.

Што е сепарациона анксиозност?

Сепарациона анксиозност претставува силна емоционална реакција кај детето при разделба од значајна личност, најчесто родител. Таа не е болест, туку развојна појава која има длабоки корени во емоционалната приврзаност, чувството на сигурност и навиките на детето. Раздвојувањето е составен дел од животот и почнува со кратки одалечувања (одење на работа, градинка), па продолжува со долгорочни раздвојувања (училиште, социјални активности). За некои деца, овој процес е природен и лесен. За други, тоа претставува длабока емоционална борба која не можат сами да ја регулираат. Не секое плачење или одбивање да се тргне од родителот е причина за грижа. Во мојата работа, го следам временскиот обем, интензитетот на реакцијата, и најважно влијанието врз секојдневното функционирање на детето.

Сепарациона анксиозност е дел од нормалниот развоен пат, особено во периодот од 8 месеци до 3 години. Во тој период децата сè уште немаат целосно изградено чувство за време, па не можат да разберат дека „мама ќе се врати“.
Во повозрастните години (4–7), раздвојувањето се поврзува со промена на средина, почеток на училиште, нови социјални ситуации, каде што детето не чувствува сигурност. Децата кои имаат помалку развиени стратегии за справување со емоции или кои имаат посилна емоционална врзаност со родителот, можат да покажат поизразена анксиозност.

Проблем станува кога:

  • Детето постојано одбива да оди во училиште или градинка
  • Има телесни реакции (болка во стомак, мачнина) кога се приближува моментот на раздвојување
  • Има тешкотии со спиење, одбива да спие само или постојано се буди ноќе
  • Ја следи родителската фигура постојано, и покажува прекумерна загриженост кога таа се оддалечи

Во вакви случаи, детето не може да го надмине стравот само, туку има потреба од структурирана поддршка од возрасните.

Како специјален едукатор и рехабилитатор, мојот пристап не вклучува медицински интервенции, туку развојни, едукативни и психо-социјални стратегии, со цел да го поддржам детето во процесот на адаптација, да им помогнам на родителите да разберат што се случува и како да реагираат и да соработувам со воспитувачи и наставници за да се обезбеди конзистентна поддршка во образовната средина.

Како специјален едукатор, верувам дека секоја емоција на детето има своја порака. Разбирањето и прифаќањето се првиот чекор кон решавање, а поддршката не значи заменување на родителот, туку градење нова мрежа на доверба. Секое дете заслужува да се чувствува сигурно, а нашата задача е да му помогнеме да изгради тој внатрешен компас на стабилност.

Доколку сте родител, воспитувач или наставник кој се соочува со слични ситуации ве охрабрувам да се обратите. Заедно можеме да изградиме стратегија која го следи детето и неговиот уникатен развоен пат.

Марија Давчевска,

специјален едукатор и рехабилитатор

наставник ментор, реедукатор на психомоторика

Сподели:

Напиши коментар

Станете член на ДУМА.мк и споделете го вашето мислење преку коментар. Кликнете тука за да се најавите.