Граѓаните и во град и во село со исти проблеми, за руралните општини решенијата се закочени од немање на Детални урбанистички планови (видео+фото)
Едната е центарот на Македонија со живописни планински предели а другата e распослана на полињата во oвчеполието. Општините Чашка и Лозово се две рурални општини кои важат за еколошки. И двете се атрактивни за рурален и еко туризам. Тоа е причина голем број исселени граѓани повторно да се враќаат во родните куќи. Во двете општини живеат над 12 илјади граѓани. Во Чашка 9.200, во 35 населени места и во шест викенд населби, додека во Лозово 2.880 граѓани во девет населени места. Но тие во последниве години како да го губат приматот на здрави места за живеење. Немањето чиста и здрава вода за пиење, честите прекини на електрична енергија, многубројните диви депонии, лошите сообраќајни решенија се само дел од проблемите што жителите ги напишаа на анкетата објавена на Дума.мк. Тие без проблем ги повторија и пред камера.
„Јас пијам вода само од чешма од водовод, не пијам друга и не можам да направам разлика. Јас како што ја чувствувам, мене ми мириса на пластика. Дали е таква доведена од водоводот, не знам, тоа е, и да се плашам, што да правам?“, рече жителка на Лозово.
„Беше исчистено порано сè, сега депонии има низ цело Лозово. Треба да најдат соодветно место за да го фрлат овој тврд материјал а не тука на 150 метри од лозјето“, се пожали жител на Лозово.
„Кога дојде еден пороен дожд се сеќавам пред три, четири години, тука улицата беше поплавена ама каналот беше отцепен“, рече жител на Лозово.
Населбата Лозово е административен центар на општината. Во споредба со останатите населени места во неа може да се препознаат урбанизирани делови со изградени улици, вкопани одводни канали, урбана опрема, организирано собирање на отпад, означени места за паркирање и сообраќајни решенија. Но не сите од нив се функционални.
Несоодветните сообраќајни решенија ги има дури и во руралните општини. Во Лозово тоа е овој кружен тек. Преку него треба да се заврти за да е дојде од едната до другата страна на улицата. Но замислете, тој е поставен на неколку метри пред железничкиот премин на пругата Велес-Кочани и преставува проблем наместо решение.
Кружниот тек е изграден со пари на граѓаните. Дали ним им е потребен, велат никој не ги прашал. Дека не му е местото таму се согласува и градоначалникот Бошко Цветковски. Него исто така го прашавме како ќе го надмине проблемот со снабдување на вода за пиење од рени бунари или од базени, откако граѓаните рекоа дека често од чешмите тече матна вода штом заврне дожд, а како резултат на мешањето на плитките со длабоките подземни води.
„Имаме изготвено проектна документација и во периодот што следи ќе работиме на тоа хоидросистемот „Злетовица“ да може да го покрива овој дел и Лозово да добие чиста вода за пиење. До Лозово имаме цевковод. Во периодот што следи ќе изградиме пречитителна станица и пристапен пат до неа како и цевководи до сите населени места“, додаде Цветковски.
Ако има изгледи за решавање на проблемите со водата, атмосферската канализација и сообраќајот, за што општината аплицирала проекти, според Цветковски потешко ќе се дојде до решенија за дивите депонии. Штом се исчисти градежниот шут ќе биде потребна помош од граѓаните, да не фрлаат нов. Така ќе се заштити животната средина и повторно на полињата ќе можат да се садат лозја и да се сее жито.
Додека жителите на Лозово се соочуваат со недостиг на здрава вода за пиење неа во Чашка ја има во изобилство. Низ општината мине цевководот на хидросистемот „Лисиче“ преку кој водата стигнува до велешани. Проблем е тоа што граѓаните на Чашка не се приклучени на цевководот и што во општината нема филтер станица.
„Пиеме од бунарите на река „Тополка“ и треба да бидеме приклучени на Хидросистемот „Лисиче“. Во Велес се фалат дека добра е водата. Власта вети дека ќе направи филтерна станица но десет години на локацијата се е ископано ама од тоа нема ништо“, рече жител на Чашка.
„Многу често имаме проблеми со струјата. Ќе почнеш да гледаш телевизија и одеднаш снемува струја. Настануваат проблеми со електричните уреди, се расипуваат и кој ќе ги подмири тие трошоци.Не се поднесуваат тие проблеми. Само што ќе дувне ветер снемува струја а во што е проблемот не знаеме. Дали паднати дрвја или кутнати бандери“, рече жител на Чашка.
Чашка е четврта по територија општина во државата. Распослана е на 862 километри квадратни и покриена со само еден далековод. Жителите се жалат дека често во нивните домови нема електрична енергија. Тоа е нивниот врвен приоритет.
Во изминатите пет години општината имала бројни состаноци со електродистрибутивната компанија ЕВН и не успеала да го реши проблемот. Жителите и денес, по секој посилен ветер или невреме, остануваат без струја и повеќе од дестина часа. Градоначалникот Горан Стојановски смета дека ЕВН не инвестирала доволно во општината каде наместо бетонски сеуште има дрвени бандери.
„Ние имаме проблем со примарните мрежи. На пример, ако снема струја на Чеплес нема се до Стари Град. Ако се инсталира систем на заштита и се постават склопки над Богомила, делот под и во ова населено место нема да има испади на мрежата. ЕВН треба да инвестира во такви склопки, за да не се случуваат испади на мрежата. На 1450 метри надморска висина да падне снег а да немаме струја во должина од 50 км, се до Стари Град. Тоа се повеќе од 15 населени места“, додаде Стојановски.
Од граѓаните на овие општини, истражувачкиот тим на Дума.мк, откри уште посериозен проблем, поврзан со урбанистичката планска документација.
„Најсериозен проблем е откупот на дворните места, куќите се легализирани а дворните места не се откупени затоа што населбата нема ДУП“, рече жител на населба Чашка.
Урбанистичкото планирање во руралните општини е сериозен проблем на локалните самоуправи. Немањето на Детални урбанистички планови го кочи локалниот економски развој и не им овозможува влез на странски инвеститори. Странците не сакаат да потпишат договори само со документи како што се Општи акти и Урбанистички планови за село. Но според градоначалниците постојат и други препреки.
„Она што е важно за нас, е тоа што донесувањето на урбанистичките планови е многу скапо за рурална општини како што е Лозово, која реално има приливи само од ДДВ, од Концесии за земјоделско земјиште и од Данок на имот. Кога би го земале најмалиот град во државата, кој има повеќе финансии од нас, и реално тој не може да се справи со урбанистичкото планирање како тогаш можеме ние“, рече градоначалникот Цветковски.
„Државата прво треба да донесе специјален закон, по терк на Словенија, која што пред да пристапи како земја кандидат во ЕУ, во рок од две години целата држава ја стави на дигитална карта и донесе Детални урбанистички планови. Општина Чашка може да почне со процес наредната година и тоа ни е во план, да изработиме ДУП. Деталниот урбанистички план на Градско се изработуваше шест години“, рече градоначалникот Стојановски.
За овој проблем градоначалниците веќе алармирале во Заедницата на единици на локална самоуправа, чија поддршка ја имаат. Од таму барале од Министерството за транспорт и врски да се намалат трошоците за донесување на ДУП, да се обезбедат средства од државата за финансирање на урбанистички планови и да се поедностави постапката за нивно донесување.
„Од страна на ЗЕЛС многупати досега е укажувано дека плановите за урбанизам се клучни документи за добивање на финансиски средства од ИПА програмите на Европската Унија. Согласно тоа е и нашето настојување и укажување дека развојот на општините, а со тоа и изготвувањето на урбанистичките планови, не може да биде оставено само на општинската администрација, која особено во последните години бележи и недостаток на стручен кадар во оваа област. Обезбедувањето на поголема финансиска стабилност на општините значи подобрување на квалитетот на услугите што ги даваат локалните власти, а во таа насока и на донесување на поголем број на детални урбанистички планови,“ пишува ЗЕЛС во писмениот одговор на новинарските прашања на Дума.мк.
Наспроти очекувањата на општините за помош од Владата, Министерот за транспорт и врски Благој Бочварски ги мотивира со сопствени средства да го започнат урбанистичкото планирање. Потоа да конкурираат за помош од годишната Програма за изработка на урбанистички планови од која што министертвото годинава финансира национални но и општински проекти.
„Во еден мал процент се дава поддршка на град Скопје, за изработка на ГУП, што го работи Агенцијата за планирање на просторот како државна институција. Се работи и на охридското крајбрежје како зона од исклучително виоко државно значење. Тоа е, исто така, апсолутно важно како и за десетици други урбанистички планови низ државата. Секако поддршката од државата е евидентна и ја има, но не може општините да се надеваат дека единствено само државата ќе ги финансира урбанистички планови а при тоа тие да не инвестираат во нивниот развој и во развојот на своите општини“, додаде Бочварски.
Во насока на планирање на локалниот економски развој и руралните општини треба подеднакво да ги планираат финансиските средства во буџетите за изградба на улици, канализациони и водоводни мрежи како и за подготовка на урбанистички документи. Последниве се особено значајни за да можат и помалите општини во државава да аплицираат и да добиваат финансиски средства од претпристапните фондови на Европската Унија што е цел и на државата која очекува што поскоро отпочнување на преговорите за влез во унијата. Препораките од централната власт се дека мораат да започнат со здружување со поголемите општини во осумте плански региони и да ги користат искуствата и ресурсите доколку им преставуваат проблеми.
Истражувачки тим на Дума.мк