Kлиматските промени во С.Македонија – „Борба со ветерници“ (фото, аудио и видео)
Очи во очи со торнадо. Првично вчудоневиденост, а потоа паника и особено страв му го спасија живототот на кавадаречкиот музичар Мемет Дивјачев, на 16 август, 2022 година кога на патот Неготино – Штип, кај местото Лакавица се соочи со дотогаш невидена глетка. Дивјачев, за прв пат, јавно сведочи за случката. И не сокри дека не ни знаел што гледа во критичните неколку минути.
Соочен со чудо од една и страв од друга страна Дивјачев успеал за кратко време да се совземе. Додека морници му го полазиле телото, човечкиот инстикт го натерал да бега и тоа најбрзо што може од Лакавица. Го послужила и среќа.
„Вечерта сфативме дека токму стравот не спаси. Ако не беше така, кој знае дали ќе останевме живи“, рече Дивјачев.
Тоа со што овој граѓанин директно се соочи така не го прикажаа во официјалните извештаи надлежните институции во С.Македонија. Тие во дневниот временски извештај не објавија дека во Неготинско – кавадаречкиот регион се појави мало торнадо туку дека овој дел од државата погоден е од невреме со силен интензитет. „Како последица на силниот ветер откорнати се покриви на згради, на куќи, на објекти како и дрвја паднати врз автомобили. Невремето во градовите Неготино и Кавадарци проследено со обилни количества на наврнат дожд поплавија улици, подруми и приземни делови на објекти“, гласеше официјалната информација. За разлика од неа граѓани сведочеа и за дотечени суводолици со вода од чии енормни количини беа покриени стотици хектари со лозови насади. Во општина Неготино поднесени се 591 граѓански барања за надомест на штета од државата, како резултат на последица од временската непогода.
Всушност надлежните институциите информираа за последиците на денот, 16 август 2022 година, но не и за причината. Неа ја имаше само во јавно прикажаното видео на Дивјачев, на фејсбук, кое што за еден час го видоа неколку стотици граѓани. Постот постигна рекордни 23 илјади прегледи. Тогаш, збунети и исплашени, граѓаните прашуваа: „ Што се случи кај Лакавица?“. Државните институции и експертите молчеа. Зборот „торнадо“ никој не го спомнаа.
Четириесет и пед дена претходно, на крајот од месец јуни, во струмичкиот регион, со 8.200 хектари обработлива површина и 7.400 активни земјоделски стопанства, се случи слична временска непогода. Овој дел на државата ги храни македонските граѓани со зеленчук. И токму таму, во најпогодените општини, Василево и Босилево, се наоѓаа 5,5 хектари под пластеници со засадени градинарски култури на дипломираниот земјоделски инжинер Дени Трајков. Тој со семејството живеат во селото Сарај. Неговата изјава, исто така, е морничава. Особено при описот на чувството што го имал додека пред себе го гледал уништувањето на пластениците и на родот. Трајков глетката ја нарече „донкихотска борба со ветерници“.
„Катастрофа. Тоа е единствениот збор кој ја опшишува состојбата. За прв пат во моите 37 години гледав како се измешаа темнина и светлина на небото и како се спуштија над фолиите со зеленчук. Ветер со брзина од над 200 км/час го кинеше полиетиленското платно а потоа ги корнеше од земја железните профили, ги дигаше во воздух и ги носеше. Од небото дожд се истураше како од крбла. Водата паѓаше врз засадените домати, пиперки, најпознатите македонски „ајварки“, моркови, марули и зелка. Уништени беа нивите со лубеници и со дињи. А јас ништо не можев да сторам и да спасам,“ рече Трајков кој констатираше дека половина час по невремето глетката била поразителна, како за него така и за стотици други земјоделци.
„Три години се бориме со невреме од ваков обем. Секоја година иста состојба. Уништен род до корен. И не само по еднаш туку се повторорува по два, по три пати годишно. Исклучиво во лето. Немоќен си да спречиш, затоа велам дека тоа е како борба со ветерници,“ додаде Трајков.
Ова земјоделско семејство на крајот на сезоната, набра и продаде род во неполни два, што споредено со 2018 година, помалку е за 1,5 камиони шлепери. За Трајкови тоа е голема загуба. И за останатите земјоделци. Тие ги пријавија штетите. Оштета се уште не добиле.
Државата дури годинава успеа да ги исплати штетите од невремињата во изминатата деценија, заклучно со 2021 година. Оваа пракса во С.Македонија од една страна демотивирачка е за земјоделците додека од друга страна резултатот е се помали произведени количини зеленчук. Како за потребите на граѓаните дома така и за пазарите во поранешните држави на Југославија поточно Западен балкан.
Трајков, чии стручни компетенции го поттикнале самостојно да ги анализира временските непогоди и да дојде до резултати за кои причинителот го гледа во климатските промени вели дека се е последица на загадувањето на воздухот во југоисточниот дел на С.Македонија. Тамошните државни мерни станици за квалитет на воздухот, во последните три години, мерат концентрации на SO2, ПМ 10 и ПМ 2,5 во вредности и до три пати повисоки од максимално дозволените граници.
Затоа овие македонски земјоделците јавно прашаа постои ли во државата софистициран систем за заштита коишто навреме би регистрирал, информирал и заштитувал човечки животи, објекти и почва од торнада или временски промени од вакви размери.
С.Македонија три години ја крстарат мали торнада и зад себе оставаат пустош
На новинарите прашања со какви временски промени се соочува државата и на што се должат, до сега, единствено и конкретно одговара самостојниот дипломиран метеоролог Славчо Поповски.
Снимените видео материјали на жителите во битолското село Живојно за прв пат до државата јавно прикажаа мало торнадо. Тоа се случи на 12 јули 2021 година. За среќа немаше фатални последици по животот на граѓаните но нанесе огромни материјалните штети на нивните имоти и нивите со жито. Географската местоположба на Живојно е во најголемата житница во југозападниот дел на државата, во Пелагонија.
Доколку туристи јавно не споделеа на социјалните мрежи, граѓаните во С.Македонија немаше да дознаат дека се појави и водна пијавица. Таа се случи во Охридско Езеро, минатата година, во месец јули, во екот на туристичката сезона. Охрид е најголемото туристичко место во државата а пијавицата ја разбранува езерската површина на потегот помеѓу Лагадин и Пештани додека беа преполни со домашни и со странски гости. Видеото откри како водата се крева од езерото во вид на вртлог кој крстари и превртува чамци. За среќа без луѓе во нив.
Според Европската лабораторија за силни бури и локалните метеоролошки агенции, во 2022 година, во Европа има 214 потврдени торнада. Земјите кои не се наведени во оваа табела не ги пријавиле појавените торнада. Меѓу нив е и С. Македонија.
Двата радари на УХМР не ги регистрираа торнадата и пијавиците
По половина година од последното или по година ипол од првото торнадо, од државната Управа за хидрометеоролошки работи, не одговорија конкретно на новинарските прашања дали метеролошките радари ги регистрираат малите торнада и пијавици, како што пак ни појаснија на што се должат ваквите временски промени.
„Тие се резултат на зачестени бурни процеси во атмосферата, во која се зголемуваат количества на топлина и на енергија, дополнително оптеретена од глобалното затоплување. Токму овие процеси ги создаваат вертикалните вртлози и се резултат на облаци во атмосферата, на висина и до 15 км, додека нивна последица се силни ветрови и грмотевици, обилните врнежи, појава на град, на мали торнада и на водени пијавици“, објаснија метеролозите и хидролозите на државната институција.
Ваквите временски промени, кои што не се карактеристични за македонското поднебје, можат да ги детектираат метеролошките радари со вградени софтвери „ASU MRL“ особено квалитетни за анализа на облаци и противградна заштита, додаде директорот на оваа државна установа. Ивица Трајковски, појасни дека последното осовременување на двата радари, поставени на локациите Ѓуриште и Тополчани, направени се во 2018 година. Тогаш биле заменети теретроните и применето било електронско бајпасирање.
„Оперативни се два радари кои се од постарите генерации и се прават напори за нивно одржување и евентуална набака на нов радар,“ соопшти Трајковски.
УХМР применила модернизација во одбрана од временска непогода град, со метода на авионско засејување на облаци, која дала успешност од 80%, во изминатите три години. Трајковски не крие дека за УХМР сега главни се финансискиот предизвик, справувањето со проблемот на квалификувана работна сила потенцирајќи ја потребата од ангажирање на ИТ инжинери.
„УХМР се соочува со бројни предизвици, пред се’ финансиски, но исто така и во делот на технички и човечки капацитети. Особено горливо е прашањето со недостатокот на млади стручни кадри, со оглед дека огромен број од дипломираните метеоролози и хидролози во последниве години заминуваат во пензија. Исто така, има голем недостатокот на експерти од областа на информатичката технологија поради тоа што за овој профил на пазарот на труд постојат многу поатрактивни приходи. Што се однесува до опремата, класичниот мониторинг систем постојано се надградува, заменува со автоматизиран. Прогностичкиот Центар има воспоставени протоколи и врска со Европскиот Центар за Среднорочна Прогноза и други светски центри“, напиша Тодоровски во одговорот на новинарското прашање.
Сепак радарите во С. Македонија не се вклучени постојано, поточно не се во функција 24 часа. Додека сомнежите на експертите се дека можеби затоа не ги уловиле малите торнада и пијавицата, од УХМР званичниот став гласи дека не е потребно деноноќно да работат со оглед на софтверите и компјутерските програми кои ги користат метеоролозите и хидролозите во секојдневната работа и се усогласени со стандардите на Европскиот центар за среднорочна прогноза. Проблемите што институцијата ги имала со обезбедување на делови при нивното сервисирање успевала да ги надмине.
За граѓаните сепак остана нејасно зошто радарите не се заменат со нови ако веќе одработиле цели пет децении?!
Насер Нуредини, се обиде да ја расчисти дилемата. Тој е дециден дека појавата на конкретните временски непогоди во државата, се директна последица на ниската јавна свест за заштита на природата но и на се што требала и досега не сторила државата. Додаде дека се последица и на климатските промени преку непредвидливи временски непогоди и не само во С.Македонија туку и на глобално ниво. Констатирајќи дека со ваквите временски појави не успевале да се справат ниту далеку поразвиени земји, министерот, смета дека решенијата не би можеле да бидат дел од Законот за климатски промени туку од истоимена државна Стратегија, со примена на најдобри европски и светски практики. Една од најзначајните, за земјоделците, би била помош за осигурување на обработливата почва додека за граѓаните, осовременување и модернизација на работата на УХМР.
Научната фела во С.Македонија разви алатка „NOTHAS“, за детекција на невреме од посериозни размери, сега развива веб страна а потоа и мобилна апликација
И додека државта ја предочува светската економска криза како сериозен проблем во справувањето со последиците од климатските промени, експерти без државна финансиска помош создадоа алатка за откривање на невреме со сериозни размери. Алатката „NOTHAS“ е систем за детекција на невреме, на сериозни временски промени, конфигуриран за четири домени, кои покриваат различни области со различна хоризонтална резолуција: Европа (27-км), југ-ист Европа (9-км), БиХ (3-км) и Македонија (3-км). Системот е дизајниран и покажа потенцијални предности во однос на претходните системи за предупредување. Тоа главно се однесува на намалување на неизвесностите во предвидувањата со преземање на дадениот час со максимален сигнал за појава на невреме во локални размери.
Алатката ја создаде тим предводен од проф. д-р Владо Спиридонов од Институт за физика на ПМФ заедно со проф. д-р Боро Јакимовски декан на ФИНКИ во соработка со проф. д-р Младен Чурич од Институтот за метеорологија во Белград, доајен во метеорологијата. Поточно овие експерти се автори на научен труд „Novel Thunderstorm Alert System“ издаден од издавачка куќа SpringerLink.com. За една година научниот труд има 25 илјади прегледи и 21.000 симнувања. Алатката тестирана е и за детектирање на ураганите Јан на Флорида, за поплавата во Њу Јорк, тајфунот на Филипините, Индонезија, Тајланд и Виетнам. Резултатите во реално време се точни.
Сега млади талентирани студенти на ФИНКИ под водство на деканот Боро Јакимовски ја подготвуваат веб страната додека наскоро се очекува да развијат и мобилна апликација. Целта е граѓаните да ја симнат и да добиват, неколку часови предвреме, информации каде, на која локација, може да се појави нестабилност од ниво три, поточно можност од грмотевични облаци, пороен дожд, силен ветер со цел да избегнат ризици.
Македонскиот Нацрт Закон за климатски промени прикачен на „ЕНЕР“
С.Македонија има долгорочни стратегии за климатски промени и за енергетика, ревидирани таргети на национален придонес кон Парискиот договор со кој се обврза да ги намали емисиите на стакленички гасови на 52% до 2030 година. Нуредини смета дека државата во споредба со останатите во Западен Балкан покажала најголема амбициозност и најсериозен пристап. Како дополнителен пример ја посочи и донесената Стратегија за енергетика во која е предвидена модернизација на македонската економија особено во производство на електрична енергија.
Министерстовото смета дека сторило сериозни исчекори со утврдените приоритети за подигнување на нови површини со шуми, сузбивање на неконтролирана сеча на дрвја, воведување на зелена економија како одржлива инвестиција, на фонд за биоразградливи ќеси како дел од инвестиции за разградлив отпад, носење на Закон за води и воведување на надоместок регулиран преку Фонд како и на надоместок за стакленички гасови, директна обврската кон ЕУ.
Но, од граѓанскиот еколошки сектор тврдат дека ни дознале ниту државата ги вклучила во подготовката на Законот за климатски промени. Горјан Јовановски од „Зелен хуман град“ не е зачуден, како што вели, затоа што во услови кога не работат дел од државните мерни станици и не можат да добијат податоци за загаденоста на воздухот чудно би било да добијат покана за учество во подготовка на закон.
И додека министерствата меѓусебно и особено со граѓанскиот сектор ги усогласат ставовите најоптимистички гледано С.Македонија Законот за климатски промени ќе го донесе во втората половина на 2023 година. За сите нив, мора да биде поттик преживеаната траума од торнадото кај Лакавица на граѓанинот Мемет Дивјачев која гласи: „Вечерта сфативме дека токму стравот не спаси. Ако не беше така, кој знае дали ќе останевме живи.“
Убавка Јаневска
“Овој материјал е објавен во рамките на проектот „Going Environmental“ управуван од n-ost и БИРН и финансиран од германското Сојузно Министерство за економска соработка и развој (BMZ). BMZ во никој случај не е одговорен за информациите или гледиштата изразени во рамките на проектот“.