Авиони на македонската авијација не прелетувале над руската амбасада во Скопје
Mакедонската авијација воопшто, во своите редови, не поседува авиони кои се во возна состојба, за да можат да прават прелети. На официјалната страница на Армијата пишува дека „во состав на единицата има два воздухоплова од типот Ан-2 и Злин 143Л кои моментално се неоперативни, поради немање на резервни делови и документација за пловидбеност“
Фејсбук објава тврди дека авиони на македонската авијација биле активирани над руската амбасада во Скопје. Ова е неточна информација.
UTROVO E AKTIVIRANA MAKEDONSKATA AVIJACIJA NADRUSKATA AMBASADA VO SKOPJE, се вели во постот.
На Фејсбук профилот објавени се пет фотографии на кои се гледаат авиони во лет. За овие фотографии се тврди дека прикажуваат како македонската авијација правела прелети над руската амбасада во Скопје, во средата, еден ден пред Русија официјално да ја нападне Украина.
Информацијата е неточна. Податокот, кој очигледно покажува дека оваа информација е неточна, е тоа што македонската авијација воопшто во своите редови, не поседува авиони кои се во возна состојба, за да можат да прават прелети. Освен тоа, нема никакви докази дека навистина овие фотографии се снимени сега, во Македонија и токму над руската амбасада. Вака прикажани авиони во воздух можат да биле фотографирани било кога и било каде.
На официјалната веб-страница на Армијата на Република Северна Македонија, пишува дека армијата поседува два авиона, но тие се надвор од употреба:
Во состав на единицата има два воздухоплова од типот Ан-2 и Злин 143Л кои моментално се неоперативни, поради немање на резервни делови и документација за пловидбеност.
На истата страница може да се погледне и фотогалерија од авионите, каде што се гледа дека македонските авиони се бело-сини. Според фотографиите објавени на социјалната мрежа Фејсбук се гледа дека авионите се црвено-бели. Такви авиони не поседува македонската армија, што значи дека тие не се дел од македонската авијација.
Од воздухопловни летала кои ги користи армијата и се во возна состојба, армијата поседува единствено хелихоптери, МИ-17 и МИ-8.
Единствените борбени авиони кои што ги поседувала државата се четирите борбени авиони „сухој СУ-25“ кои македонската армија ги набави од Украина во јуни 2001 година, за време на вооружениот конфликт. Во пролетта 2003 година Македонија декларира дека во формацискиот состав на АРМ веќе нема потреба од борбените авиони, а во 2004 година авионите беа приземјени и конзервирани. Следната година, Министерството за одбрана и формално ги отпиша авионите од евиденцијата на опремата и вооружувањето на АРМ.
Оттаму заклучуваме дека објавата што ја рецензираме е невистинита, и истата, сосема непотребно, има за цел да предизвика дополнителен страв кај населението.
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар