Не е вистина дека Зеленски избегал од Украина за Лондон
Рецензираме Фејсбук пост во којшто е споделена вест од порталот „МКД Прес“, а во којашто се тврди дека украинскиот претседател Володимир Зеленски не е во Украина. Во насловот на веста се вели:
Кога претседател е комичар, местото вообичаено ќе биде трагично! Зеленски утрово им вети на жителите на Украина дека ќе биде со нив до крај, а сега ги пакува куферите за Лондон!
И во содржината на текстот повикувајќи се на наводни дипломатски извори, порталот тврди дека Зеленски е надвор од земјата, а со оглед на тоа што премиерот на Обединетото Кралство, Борис Џонсон му понудил азил, се претпоставува која е следната дестинација.
Меѓутоа, ова е дезинформација. Претседателот на Украина е во Украина и тоа самиот го потврди во видео обраќање кое што може да го проследите во продолжение со почеток од 50 секунда:
Останувам во главниот град на Украина. Моето семејство е во Украина и децата исто така. Моето семејство не се предавници туку граѓани на Украина. Каде точно се наоѓаат немам право да кажам. Според информациите што ги имаме непријателот ме има означено како цел број 1, моето семејство како цел број 2. Сакаат политички да и наштетат на Украина со тоа што ќе го уништат државниот врв.
Во ова обраќање Зеленски вели дека и тој и неговото семејство и неговите деца се во Украина и додава дека не е предавник.
Како крунски доказ дека не ја напуштил Украина, Зеленски објави и видео со државниот врв снимено во центарот на Киев, со кое се докажува дека не го напуштил главниот град.
Тука сме, во Киев, ја браниме Украина, напиша тој.
Како што пренесе и телевизија „Телма“, Зеленски изјавил дека е во Киев и дека не ја напуштил Украина, но не може да ја открие точната локација, додавајќи дека има лажни извештаи дека ја напуштил државата.
Како што пишува британски „Стандард“, Зеленски изјавил дека ќе остане во Украина и покрај тоа што е таргет.
Поради сите горенаведени податоци оценуваме дека не е вистина дека Володимир Зеленски, претседател на Украина избегал од земјата за Лондон, како што неточно се тврди во постот што го рецензираме.
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар