Велешки театар гостува на „Скопско лето“

Објавено на 10 јули, 2017 во 09:45

Театар „Џинот“ Велес ќе настапи на Фестивалот „Скопско лето“ со претставата „Синиот портокал“ од Џо Пенхол, во режија на Александар Ивановски. Гостувањето е во петок, на 14 јули, на малата сцена на МНТ, со почеток во 20 часот.

Драматург на претставата е Катерина Момева, сценографијата е на Филип Коруновски, а автор на музиката е Сашко Костов. Во претставата настапуваат актерите Фаик Мефаилоски, Самоил Стојановски и Жарко Спасовски.

Претставата е трета продукција од програмата на велешкиот театар за 2017 година поддржана од Министерството за култура на Р.Македонија. Иако во оригиналната драма централен лик е афроамериканец, оваа постановка содржи една поинаква драматуршка адаптација, во која контекстот се актуелизира и локализира. Адаптацијата се однесува на Ерџан, ром, кој заглавува во лавиринтот на својата шизофренија, но и во лавиринтот на психијатриската клиника.

„Во време на глобализација кога сакаме да ги надминеме табуата за разликата во бојата на кожата, националноста и културните наследства кои ги носиме во себе, оваа драма топло ја брани неправдата која ја нанесуваме некогаш преку негативна, а некогаш преку позитивна дискриминација.“ – потенцира режисерот Ивановски.

„Синиот портокал“ е драма за современата психијатрија, со застарени методи на лекување и беспомошноста на докторите да ги лекуваат своите пациенти без седативи./У.Ј

Сподели:

Напиши коментар

Станете член на ДУМА.мк и споделете го вашето мислење преку коментар. Кликнете тука за да се најавите.