Велешката библиотека со онлајн книжевна средба по повод Светскиот ден на книгата
23.04.2021
Кога граѓаните поминуваат поголем дел од времето во своите домови, поради состојбата предизвикана од пандемијата, нивен најдобар пријател може да биде книгата. Денеска кога се одбележува 23 април, Светскиот ден на книгата и авторското право, беше потенцирана потребата за што почести дружби што на читателот му отвораат нови хоризонти, му ги надоградуваат вештинините, го релаксираат или му овозможуваат чувства на смиреност, на благонаклоност, на длабоко размислување за сопствени или туѓи постапки и слично.
Локалната библиотека „Гоце Делчев“ Велес денеска организираше онлајн книжевна средба со поетот, есеист, книжевен критичар, преведувач и публицист, Иван Антоновски. Присутните на онлајн поеткото читање имаа можнот да слушнат дел од творештвото на Антоновски.
– Иако оваа година славењето на денот на книгата е видоизменето, сепак тоа не го намалува значењето на овој датум и пораките за значењето на истиот, што ние секогаш ги споделуваме со нашите почитувани читатели. Секојдневно споделувајте информации за омилени книги, дружете се со нив, бидејќи книгата целосно го збогатува животот, рече Гордана Васковска, директорка на велешката библиотека.
„И, читањето на книгата никогаш не завршува докрај, затоа што секој нов читател, е нејзино ново читање,“ гласи пораката на годинешниот автор, македонскиот писател Димитар Башевски, по повод Светскиот ден на книгата. Тој, обраќајќи им се на читателите, им порачува дека историјата на книгата е историја на човекот, на човештвото вкупо, низ кое таа се пробивала преку небиднините, низ војни, низ победи, но и порази, низ епидемии и забрани, и не ретко, низ спалувања на кладите.
-Така што сега, сред неволјата, книгата си наоѓа агол каде што ќе се засолни и, од зад затворениот прозорец, ја емитува својата духовна сила што поместува копна и големи води и сред „космичката осаменост“, како што вели Шимборска, ја збогатува нашата човечност. И, сега, кога се работи, и посебно кога се работи за книгата на македонската почва, на македонски јазик, кога се работи за нашата книга, таа наша книга не само што го засведочува, не само што го меморира, ами во најголема мера го овозможила нашето културно и историско постоење, таа е тоа што памети и тоа што се памети, поврзувајќи ги често испрекинатите векови. Таа стигнува, посебно со поетските и лингвистичките трудови на Блаже Конески, во чија слава ја посветуваме оваа 2021 година, да се интегрира во високите европски и светски вредности. Преку книгите на македонските писатели, и во оригинал, освен во превод, македонскиот јазик е присутен во библиотеките од Мексико до Австралија и од Русија до Египет и Јапонија. Така значи, македонскиот јазик и македонската книга е под сонцето што ги грее сите, како што, како аргумент, го кажуваше Кирил, кој заедо со Методија, ја биеше битката за словенскиот јазик. На ваквата основа е создадена и Конвенцијата на УНЕСКО за постоењето и слободата на различните јазици и култури“ пишува во годинешната Порака, Башевски.
Светскиот ден на книгата и авторското право е прогласен од страна на УНЕСКО во 1995 година. Тогаш е одржана конференција во Париз. Со славење на книгите, се слават и авторите коишто обезбедуваат кратки извадоци од животот и поглед во некоја друга реалност.
Стефани Манева
