Англичаните Шан и Паул за три дена во Велес научија да свират и пеат македонски народни песни и ора (фото и видео)
Професионалната хармоникашка Шан Филипс и професорот по хемиско инженерство Паул Шервут вљубеници во автентичната балканска музика дојдоа од Велика Британија во Велес и за три дена прекрасно ја изведуваат и ја пеат најпознатата велешка песна „Сербез Донка“. Шан ја свири и ја пее оваа песна додека Паул ја изведува на кларинет. Исто така, овие странски музичари покажуваат интерес и за македонското оро и македонската народна песна. Беше пријатно со нив да се помине еден школски час за да се заклучи дека обајцата се неверојатно инспирирани од седумосминскиот такт по што македонксото народно творешство е препознатливо во светот. Освен што ни приредија денеска убаво доживување со звуците од кавалот и од кларинетот како дел од музичките дувачки инструменти за кои тие покажуваат особен интерес, исто така, убаво беше чувството да се проследи и пеењето на чист и течен македонски јазик.
-Седум дневниот престој во Македонија и во вашиот град Велес ќе го искористиме максимално за нашиот личен музички развој. Претходно бевме во Бугарија од каде не зема нашиот ментор Филип Арилон, а потоа ќе продолжиме и во Грција. Ова е наше лично музичко надоградување во кое ја откриваме балканската музика. Ние сме дел од проект во којшто освен личната надоградбата, сакам да кажам дека работиме со музичари од Франција како и од други европски земји кадешто се негува традиционална балканска музика. Станува збор за истражување на балканската народна музика. Ние сме на мастер класа и ни се допаѓа многу бидејќи учиме за фолклорот во којашто се прикажани сите негови форми како што се играта, танцот, придружени со музика и песна, рече Шан Филипс.
-Денеска го посетивме Народен музеј Велес и спомен куќите, кадешто имавме можност од близу да се запознаеме со македонската традиција. Особено интересен за нас беше етнолошкиот оддел во Народен музеј Велес кадешто детално се запознавме со постановката за полесно да ја разбереме македонската народна музика. Вчеравечер пак не воодушеви посетата во Скопје кај градителот на кавали, тамбури и тапани кадешто во детали го проследивме процесот којшто започна од парче дрво и заврши со изграден музички инструмент, рече Паул Шервут.
Тој веќе во Македонија се согласува да биде именуван со традиционалното македонско име Павле. На секоја прозивка од менторот, Павле денеска делеше насмевки од кои можеше да се препознае дека тоа навистина му причинува задоволство.
За тоа што лесно совладале а на што треба да обрнат поголемо внимание за Шан и за Паул во Велес им укажуваат Стојан и Филип. Тој со нив секој ден интензивно работи и разговара, заеднички прават анализа додека во рацете ги држат традиционалните дувачки македонски инструменти а пред нив се распослани партитурите.
-Освен што ја учат потоа македонската музика ќе ја внесат во композиции што тие сами ќе ги создадат. Морам да кажам дека тие претходно имаат учествувано на бројни проекти и затоа имаат познавања како од македонкото така и од балканското народно творештво. Големо е задоволството посебно кога ќе забележиш како овие музичари се трудат и колку добро тоа го изведуваат. По завршувањето на посетата на трите држави ние ќе одржиме и оналјн работилници на коишто тие ќе ги изнесат своите импресии од престојот и од тоа што научиле, рече Арилон.
Овие англичани се дел од проект во кој со помош на ментори во Македонија, Бугарија и во Грција откриваат нови музички вредности и учат за традиционалната музика, народните игри и танци.
Стефани Манева