Атанас Крлевски добитник на наградата за животно дело „Коле Неделковски“
На одбележувањето на 82 годишнината од смртта на македонскиот поет и револуционер Коле Неделковски, денеска, во село Војница, на писателот Атанас Крлевски му беше доделена наградата за животно дело насловена по поетот. Минатогодишната добитничка на наградата, писателката Родна Јанчева, за Крлевски вели дека уште од рана возраст се занимава со поетско творештво а покасно и со сатира.
-Човекот кој на себе ги има почуствувано и доживеано општествените превирања за време на балканските бури и прогонства, бедотии и страданија кога многу семејства беа принудени да се раздвојат и да заминат во непознати краеви. Во тоа време, во 1956 година во Ташкент денешен Узбекистан е роден нашиот македонец, поет и сатиричар Атанас Крлевски. Тој од најмала возраст се занимава со поетско творештво а подоцна и со сатира, додаде писателката Јанчева.
Крлевски ја има збогатено македонската книжевност со 10 книги афоризми но има издадено и три хаику стихозбирки. Со наградата во раце, Крлевски се заблагодари пред присутните и рече дека возбудата којашто ја чуствува е пред се поради името на наградата но и бидејќи му ја доделуваат неговите колеги – литерати.
-Еден мој афоризам вели „Меѓу славното и минатото и светлата иднина, сегашноста глава не може да крене“. Сатиричарот не би бил тоа што е, ако не пишува и зборува искрено. Токму затоа и се извинувам на сегашноста што ова мое писание е во паралела со минатото, но со поглед вперен кон иднината. Таква е приликата, таков е овој посебен миг за мене полн со возбуда од чинот на примање на наградата кое го носи името на еден од основачите на модерната македонска литература, поет и револуционер Коле Неделковски. Дел од мојата љубов кон литературата можеби се должи и на неговите песни, меѓу кои „Глас од Македонија“ која заедно со песните на Рацин ги знам наизуст, додаде Крлевски.
На одбележувањето на годишнината пред спомен бистата на Неделковски во село Војница, свежо цвеќе положија делегации на Општина Велес, ЛУ „Народен музеј Велес“, Локална библиотека „Гоце Делчев“ и на Клубот на писатели Коста Солев Рацин.
Присутните на манифестацијата ја посетија и спомен собата на поетот Коле Неделковски.
Стефани Манева