„Блесок пред Мугра“ театарски перформанс на Драмското студио „Словото“ изведен во Европска куќа Велес
Перформансот, со драмско-поетски карактер, е посветен на македонскиот великан Коста Солев Рацин. Во него учествуваат деца на возраст од пет до 13 години од кои дел се ученици на ООУ „Васил Главинов“ и на ООУ „Блаже Конески“. Автор на текстот и воедно режисер е актерката на велешки Театар, Весна Димитрова Бобевски.
„Бев поттикната од животот и делото на нашиот сограѓанин Коста Солев Рацин, од името на човекот и творецот кое станува синоним на еден народ, ја испишува македонската вековита песна и тешко дека Македонецот во сопствената културна историја може да најде друга толку монолитна личност како Рацин, којашто по еден творечки начин гради мостови меѓу минатото и иднината. Со името и делото на Рацин започнува една нова фаза во развојот на современатата македонска литература,за кого еве да издвојам една од повеќето мисли на Гане Тодоровски во којашто тој за Рацин вели: Преродбенски профил на писател. Ќе додадам дека пишував и режирав со особена посветеност кон поетот, неговото творештво и дело, од агол на почитувач на тезата дека Рацин станува светлина и патоказ од минатото кон иднината, точен и прецизен, многузначен и суштински поточно Рацин претставува и своевиден клуч за толкување на традицијата и код за силовит пробив и видовито движење напред, кон новото, кон недосегнатото и недосегливото, кон неодложното и нужното,“рече авторката и режисерката Димитрова Бобевски.
Доверувајќи им ја задачата токму на најмладите велешани, низ нивните актерски и рецитаторски способности, да го претстават Рациновото дело како и сегменти од приватниот живот, денеска, во овој миг на живот во неговиот роден град, Димитрова Бобевски улогата на поетот и револуционер Коста Солев му ја довери на Илија Најдов ученик во шесто одделение во ООУ „Васил Главинов“ додека во перформансот Рахилка Фирфова – Раца ја игра Ема Арсова, ученичка во шесто одделение во ООУ „Блаже Конески“.
Свое место во „Блесок пред мугра“ имаат и другарките на Раца, улоги кои ги имаат ученичките Изабела Димкова и Јована Петрова додека малата Бисера Пешевска, со своите пет години, ја пее песната „Ленка“.
Наратори во театарскиот перформанс се Сара Кимова, Ева Јаковлевска и Марија Стефановска.
Малите „Пролетери“ или работници кој калапеле тутун и работеле со глина се Мартин Пановски, Ева Чингарова, Михаела Индова, Ана Ќумбева и Андреј Ристовски додека рациновите стихови од песната „Копачите“ ги рецитира малиот Давор Ангелов.
Во рамките на перформансот „Блесок пред Мугра“ е вметнат филмуван дел за една од неговите најпознати песни „Ленка“.
Театарски перформанс на Драмското студио „Словото“ премиерно беше изведен, вчера попладне, во Европска куќа Велес.
Убавка Јаневска