Државен Архив на Македонија ја постави изложбата „Милтон“ во Јуроп Хаус Велес, вредно културното македонско богатство (фото и видео)
Државен архив, Одделение Велес е домаќин на патувачката изложба „Милтон“ подготвена од нивните колеги од битолскиот Архив по повод 140 години од раѓањето на Милтон Манаки. Изложбата составена од 12 печатени паноа, посветени на биографскиот дел на Милтон Манаки и документарен видео материјал посветен на неговото творештво, се поставени во Јуроп Хаус во Велес. Денеска велешани и пред се ученици од две општински основни училишта „Кирил и Методиј“ и „Васил Главинов“ имаа можност да ги погледнат односно проследат.
Раководителите на Оделенијата на Државен Архив, во Велес Јасмина Дамјановска и во Битола Гоце Стојановски низ интересни презентации го претставија животниот пат и особено творештвото на Милтон како и на неговиот брат Јанаки Манаки.
Изложбата е подготвена по повод 140 години од раѓањето на Милтон Манаки. Документарниот видео материјал е посветен на двајцата браќа Манаки, Милтон и Јанаки. Го работеа повеќе вработени ентузијасти со цел да покажат со што располага оваа македонска државна институција која има девет подрачни одделенија низ градовите. И токму тие ќе бидат први домаќини на оваа веќе патувачка изложба.
“Одлучив овие изложби каде и да има можност да ги презентирам. Посебно кога се работи за ликови каков што е Милтон и не само тој туку и многу други настани Државен Архив се обидува да ги афирмира. Имаме изложби и за многу други одбележувања како 120 години Илинденско востание, Мајка Тереза, 80 години слободен Велес, сега ќе го одбележиме и АСНОМ што значи дека го искористуваме секој момент кога имаме изложба да ја пренесеме низ што поголем број на населени места коишто ни нудат можност за соработка како простор, опрема и друго. Целта ни е да ги видат изложбите што поголем број на граѓани од локалното население како и културното богатство коешто го поседува државата, “ рече раководителката на Одделени Велес Јасмина Дамјановска.
Милтон всушност го наследи интересот од неговиот брат Јанаки, кој прв почна со фотографирање па љубовта му ја пренесе на брат му. Браќа Манаки родени се во Авдела, од каде преминаа со фотографско студио во Јанина и потоа доаѓаат во Битола но веќе како оформени фотографи во град стабилен, економски центар и привлечен за многу трговци, занаетчии, индустријалци, конзули. Токму затоа Битола е привлечен град за нив.
Работата а особено материјалот со кој располага Државен Архив на Македонија досега не е доволно промовиран пред граѓаните. Државата не издвојува доволно финансиски средства за промовирање додаде Дамјановска.
-Без документација нема нација. Оваа мисла на нашиот поранешен директор стана заштитен бренд. Тоа навистина е така. Државен Архив е институција од прва категорија која еве можете да видите какво културно богатство поседува и чува а неразбирливо е да нема финансиски средства за чување и за надоградување. Секаде низ светот Архивите се на прво место додека кај нас тоа го нема, пред се не се вложува во објектите а ако се вложи како и во опремата ова културно наследство ќе стане достапно секому. Како што стана Милтон достапен на светот ние требаше да имаме помош од Британска Библиотека за да може ова културно богатство да се дигитализира за да се подготви и да му се покаже на светот бидејќи Државен Архив нема опрема и финансиски средства а има големо културно богатство, рече Дамјановска.
Изложбата во Јуроп Хаус ќе биде поставена во наредните 10 дена. Вреди неа да ја погледнат велешани додека за групни посети Државен Архив Оделение Велес ќе овозможи и да го проследат и подготвениот видео материјал, за што потребно е само најава на мобилниот телефонски број 071 317 268 на Дамјановска.
Убавка Јаневска