„Џез низ детска призма“ – музичка работилница што ги отвори срцата на младите велешани

Објавено на 30 април, 2025 во 11:11

Во духот на Меѓународниот ден на џезот, Јуроп хаус Велес заедно со Здружението „Арт Генератор“ и учениците од Основното музичко училиште „Стефан Гајдов“ приредија џез работилница полна со ритам, импровизација и искрена детска енергија.

Просторот на Јуроп хаус се претвори во мала сцена каде младите музички таленти преку свирење, слушање и интеракција го запознаа светот на џезот. Работилницата ја водеше младиот џез пијанист Гордан Спасовски, член на Националниот џез оркестар и еден од најактивните промотори на современиот џез во Македонија.

-Џезот е повеќе од музика. Тоа е слобода, разговор меѓу музичарите, креативна игра и уметничка авантура. Преку оваа работилница заедно со учениците истражувавме како класичната музика што тие ја учат секојдневно може да се поврзе со џезот, кој им беше нов и возбудлив предизвик, објасни Спасовски.

Учесниците не само што слушаа и учеа, туку и активно учествуваа во изведбата на неколку познати џез теми. Низ вежби за импровизација, ослободување од шаблони и креативна интерпретација, тие му дадоа свеж, детски сјај на еден од најавтентичните музички жанрови на 20 век.

Работилницата беше интерактивна, динамична и инспиративна – токму како и самиот џез. Младите учесници со насмевки, љубопитност и нескротлива енергија покажаа дека музиката нема возрасни граници – таа е јазик што сите го разбираат.

Стефани Манева

Сподели:

Напиши коментар

Станете член на ДУМА.мк и споделете го вашето мислење преку коментар. Кликнете тука за да се најавите.