(фото) Ансамбл Керамичар дел од културно-уметничката програма по повод празникот Св. Кирил и Методиј, одбележан во дворот на велешката црква

Објавено на 24 мај, 2025 во 15:20

Со свечена програма и културно-уметнички настани, Велес по втор пат ја одбележа славата на светите рамноапостоли Кирил и Методиј. Во дворот на велелепниот храм посветен на сесловенските и македонски просветители, во самиот центар на градот, манифестацијата доби особено духовно и уметничко значење.

По вечерната богослужба, присутните граѓани и верници, предводени од Митрополитот Повардарски г. Агатангел, имаа можност да уживаат во богата културно-уметничка програма.

Играорците на Ансамбл Керамичар ја збогатија програмата со две традиционални кореографии – „Поречки игри“ и „Прилепски игри“, внесувајќи ја публиката во духот на македонското фолклорно богатство.

На самиот настап беше изведен и рециталот „Прогласот на свети Константин филозоф“ од поетесите Даница Лепоевик и Соња Карбева. Публиката уживаше и во настапот на Оркестарот на традициски инструменти при Основното музичко училиште „Стефан Гајдов“, под менторство на наставникот Трајче Малинов, кој внесе автентична звучна слика од старите македонски музички традиции.

Протоереј Ристе Анушев, во своето слово за житието на светите браќа го опиша нивното просветителско и духовно дело. Потоа, Елица Николова од велешкиот музеј, презентираше истражување за традицијата на чествувањето на Кирил и Методиј во Велес, нагласувајќи го значењето на нивниот културен и духовен отпечаток низ историјата на градот.

-Уште една волшебна ноќ во чест на Светите рамноапостолни браќа Кирил и Методиј во Велес. Втора година по ред, со благослов на Митрополитот Повардарски г. Агатангел, чествувањето на овие наши духовни горостаси е збогатено со културно-уметничка програма во дворот на велелепниот храм посветен на сесловенските и македонски просветители, во центарот на градот,“ изјавија од црквата.

Со вакви настани, Велес уште еднаш потврдува дека го негува своето културно и духовно наследство. Градот продолжува да ја гради традицијата на честување на светителите кои го оставиле својот длабок белег врз историјата, идентитетот и просветата на македонскиот народ.

Стефани Манева

Сподели:

Напиши коментар

Станете член на ДУМА.мк и споделете го вашето мислење преку коментар. Кликнете тука за да се најавите.