(фото) Изложени повеќе од 200 портрети во техника молив од Родољуб Анастасов во велешки Ликовен салон
Повеќе од 200 портрети изработени во техника молив од доајенот на македонското сликарство, Родољуб Анастасов, вчеравечер беа изложени во Ликовен салон во Велес. Овие портрети се создадени од 2016 до 2020 година, откако Анастасов доживеал тежок мозочен удар. Авторот и кураторот на изложбата насловена „Визии – Главна полна со луѓе“, Јасминка Намичева, рече дека Анастасов овие портрети ги работи после неколку негови животни премрежија во техника молив. Последните четири портрети во боја направени му се во 2008 година.
-Овие цртежи за прв пат беа прикажани пред македонската јавност во јули месец во музеј на град Скопје, додека велешани се привилегирани надвор од Скопје први да ја видат оваа изложба. Ова се цртежи што Анастасов ги работи после неколку негови животни премрежија кога престана воопшто да слика после доживеан мозочен удар и тој е еден од ретките светски сликари кои после толку тежок мозочен удар успева да се рехабилитира и да почне со молив да работи цртежи. Тој ја изостави бојата но со молив работи портрети коишто се исклучително тешка техника. Ова е нешто што многу ретко може да се сретне кај било кој жив уметник. Имаме голема привилегија што оваа збирка ја имаме во целост и се надеваме дека нема да биде ова крај, туку Анастасов ќе може да го гледаме во ново светло, додаде Намичева.
Како што вели авторот Анастасов, овие потрети се за сите негови луѓе и добрите и лошите. Оваа серија на цртежи е автобиографска затоа што портретираните луѓе, на еден или на друг начин, биле дел од неговиот живот или барем ги сретнал на неговата животна патека и останале запишани во неговата меморија.
Изложбата е поддржана од Министерство за култура на Република Македонија.
Стефани Манева