Играорците на Ансамбл „Керамичар“ се вратија со медали и дипломи од фестивалот во Турција

Со медали и дипломи во рацете, и со безброј спомени во срцето, дваесет и осум млади фолклористи од Велес се вратија од учество на Меѓународниот фолклорен фестивал за деца што се одржа во областа Сакарија, Република Турција. Нивните настапи беа крунисани со заслужено признание за секое одиграно оро, за вложениот труд и за успешно претставување на македонскиот фолклор пред интернационална публика.

На фестивалот, велешките фолклористи од Ансамбл „Керамичар“ настапија со шест кореографии, поточно „Доце доце“, „Сред село“, „Овеполка“, „Прилепски игри“, „Тресеница“ и „Поречки“. Тие играа три дена по ред, освојувајќи го вниманието и симпатиите на публиката која секој настап го наградуваше со силни аплаузи.

Покрај сценските настапи, децата стекнаа нови пријателства со врсници од различни земји и имаа можност да посетат нови места. Нивната главна цел беше да го претстават македонското културно богатство на еден од најпознатите фестивали за деца, којшто традиционално се одржува по повод Денот на детето и националниот празник на Турција.

На враќање од фестивалот, играорците ги посетија и Кавала и Неа Врасна, во Грција, збогатувајќи го своето патување со дополнителни искуства.

Велешките културни амбасадори достоинствено ги претставија и градот и државата, оставајќи силен впечаток на еден значаен културен настан кој се одржа во Турција и сега продолжуваат да се подготвуваат за следните настапи и гостувања на15 мај во Босилово, Струмичко, а потоа во Бугарија.
Стефани Манева
