Изложба „Реализам наспроти апстракција“, утревечер, во Ликовен салон во Велес
Изложба насловена како „Реализам наспроти апстракција“ на тројцата уметници и академски сликари од Кавадарци, Киро Јосифов, Горан Боев и Лазар Дојчинов ќе биде отворена утревечер, во 19:00 часот, во просториите на Ликовен салон во Велес. Тие зад себе имаат остварено богато ликовно творештво, создавајќи дела секој во својот ликовен свет, за што зборуваат големиот број на локовни изложби како во Македонија така и во странство.
-Ова нивно представување е сублимат на творештвото создавано во последните две години каде што тројцата уметниците во за нив препознатлив стил на изразување ги изнесуваат на ликовното платно своите доживувања и сваќања за она што е околу нив, допирајќи до нас на еден суптилен и предизвикувачки начин, поттикнувајќи не да размислуваме за светот и природата како огледало на животот, на нас самите , нашето секојдневие , пишува во поканата од ЛУ Народен музеј Велес.
Овие кавадаречки уметници претходната година го формирале Здружението „Роднокрајци“. Љубители на културата и уметноста промовирајќи ја културата и културното наследство, уметноста и традицијата пред се на Кавадарци но и ликовната уметноста воопшто како еден универзум на различни светови во кои се преплетуваат различни идеи на творење како една универзална цел кон која сите ние тежнееме.
Инаку, изложбата на тројцата кавадарчани е дел од годинешната програма на Дом на култура „Мирка Гинова“ Демир Капија и Музеј Демир Капија.
Изложбата е целосно финансирана од Министерството за култура на Македонија како проект од национален интерес за 2022 година.