Коки: „Луѓе, не обидувајте се да го барате совршениот ден, направете го овој, денешниот, да ви блеска.“
Објавено: 27 октомври, 2025, во 10:17 часот
Осум нови афоризми од велешкиот афористичар Никола Бошков Коки. Прочитајте ги неговите најнови мисли исполнети со духовитост и остроумна опсервација на секојдневието.
-Дури и најмалиот зрак светлина, ја менува сенката на денот.
-Во желбата и обидот да го зголемат своето банкарско салдо, некои ново-стари, алчни градоначалници, ќе вложат голем труд и драгоцено време, да си ја доосиромашат…општината.
-Парламентот е најскапиот театар: билетите ги плаќа целиот народ.
-И покрај ЗАЛОЖБАТА на Владата да ги намали цените на прехрамбените продукти, тие и понатаму вртоглаво растат, единствениот артикл на кого цената му е замрзната до пролет е…ПЕНЗИОНЕРОТ, кој сеуште може да се „купи“ мошне ефтино, за смешни илјада денари.
-Луѓе, не обидувајте се да го барате совршениот ден, направете го овој, денешниот, да ви блеска.
-Наместо да ги поместат стрелките на часовникот час наназад, многуте жени би посакале да го вратат времето и годините од младоста, во сегашноста.
-Жената може многу лесно да ја изгуби контролата врз себе, но не и врз сопствениот маж.
-Денес се е лесно достапно, освен мирот во главата.
Афористичар Никола Бошков Коки
Дума.мк
