Купенкова: Првата самостојна изложба „Визуелни таписерија“ е во Велес затоа што со градот сум подолго време поврзана (фото и видео)
Љубителите на ликовната уметност неделава имаат можност во Јуроп Хаус да ја разгледаат изложбата „Визуелни таписерии“ на авторката Славица Купенкова.
Секое уметничко дело е единствена нишка во поголема наративност, што ја одразува повеќеслојната природа на урбаните средини, рече Купенкова која за прв пат излага во Велес.
Талентираната уметница, иако е аматер, сега преку цртежите мотивира историчар на уметност да создава приказни, констатира промоторот Станчевски.
Славица Купенкова е позната авторка како стрип цртач, илустратор на детски книги и на списанија. Цртежот и илустрацијата отсекогаш биле присутни во нејзиниот живот иако професионалната кариера ја започнала во 2020 година. Во нејзиното портфолио пишува дека на XVIII Меѓународен салон на стрип „Велес 2021“, како дел од проектот „Can for Balkans“, Купенкова добитник е на наградата за „Најдобар дебитантски стрип“ и една година подоцна на специјално признание од италијанскиот Амбасадор по повод манифестацијата „Денови на италијанскиот стрип“, за изработка на плакат. Исто така, Купенкова е добитник на едно од петте специјални признанија доделени од меѓународно жири за стрипот „Одисеја“.
Изложбата „Визуелни таписерии“ на Славица Купенкова може да се погледне, во Јуроп Хаус Велес, до 11 ноември во работниот дел од денот од 9 до 16часот.
Убавка Јаневска