Македонскиот стрип центар Велес, дел од меѓународната стрип колонија во Рашка, Србија
На единаесетата по ред меѓународна стрип – колонија „Рашка“, којашто ќе се одржи од 24 до 28 јули, годинава, во комплекс село Семетеш, во Србија, ќе учествува и Стрип центарот на Македонија од Велес. Ова е продолжување на повеќе годишната успешна соработка помеѓу велешкиот стрип центар, Клубот на ликовни уметници од „Рашка школа“, канцеларијата за млади и центарот за култура „Градац“.
Претставнички на Македонскиот стрип центар се младите скопјанки Ангела Петрушевска и Јана Бутеска. Покрај нив, на оваа стрип колонија ќе присуствуваат и млади од српските стрип училиштата од Ваљево, Рашка, Лесковац, Белград и Крагуевац.
Програм координаторот на Стрип центарот, Томе Трајков, соопшти дека од 2015 година редовно има учесници на оваа стрип колонија.
-Во Рашка се организираат предавања и промоции од поканетите специјални учесници. Она што е заедничко за обете колонии е ангажирањето на реномираниот стрип автор и педагог од Белград, Влада Весовиќ. Оваа соработка нема да заврши тука. Дружењето ќе продолжи и кон крај на месец август на 20 Меѓународен стрип салон и 5 Меѓународна стрип колонија во Велес, додаде Трајков.
За овие настани од велешкиот стрип центар во моментов само најавуваат дека ќе имаат гости од повеќе држави. Повеќе детали и информации ќе има во наредниот период.
Стефани Манева