Македонскиот стрип повторно доминантен во Ваљево
Во склоп на петтиот Меѓународен салон на стрип во Ваљево, во соседна Србија, од пристигнати дела од 10 земји жирито во состав Зоран Стефановиќ , управник на центарот за стрип уметност од Белград и уметниците Миливој Костиќ и Радомир Илиќ, едногласно ги прогласија најдобрите. Меѓу нив традиционално забележително место имаат и македонските автори.
– Веќе четврта година непосредно и директно сум задолжен за соработката со пријателите од Ваљево, организирајќи го масовното учество на стрип автори од Северна Македонија. Впрочем, пред две години бев специјален гостин како селектор и промотер на стрип изложбата на македонски автори, рече Томе Трајков од Стрип центар на Македонија.
Развојот на македонскиот стрип се потврди и оваа година со добивањето на неколку награди и тоа:
– Општествен ангажман на доајенот Тоде Блажевски за карикатуралниот стрип „СРЕЌА“. За овој стрип е добитник на наградата за највозрасен учесник на меѓународниот стрип фестивал „ВЕЛЕС 2021“.
– Најдобар млад автор на Анастасија Зафировска за стрипот “CRASH LANDING” . Зафировска е илустраторка и стрип автор од Скопје. Инспирирана e од приказните, природата, фолклорот и детските игри. Преку илустрациите и приказните сака да ја улови магијата што ја гледала секогаш во детството.
– Специјална награда на Центарот за стрип од Белград ја доби Катерина Николовска, во тандем со сценаристот Дејан Богојевиќ од Србија за стрипот „ПРЕМИН ОД СЕНКИ“.
Исто како и претходната година , Стрип центарот на Македонија со седиште во Велес, доби специјална награда за педагошка работа.
Инаку, Гран прито на петтиот Ваљевски стрип фестивал го добија Владимир Кузманов и Денис Немеш за стрипот„ЛУК И ВОДА“ а првата награда ја доби реномираниот автор Дарко Мацан за стрипот — „Why worry?!“.