Меѓународна конференција на библиотекари се одржува, вчера и денеска, на велешко езеро „Младост“

Дводневната, петта по ред, Меѓународна конференција на библиотекари, годинава на тема „Услуги на корисниците со посебни потреби и лица со попреченост,“ се одржува во хотел на велешко езеро „Младост“. На конференцијата освен библиотекари од библиотеките од земјава, на темата говорат и искусни библиотекари и експерти од областа од Србија, Хрватска, Косово, Албанија и Република Српска.
Конференцијата ќе заврши со заклучоци на темата коишто ќе бидат испратени на Министерството за култура и туризам.
Министерот за култура и туризам Зоран Љутков, присуствуваше на отворањето на конференцијата кога порача дека во дигиталниот свет во којшто живееме, со голем пристап на информации од кога било, улогата на библиотеките не’ само што не се губи туку станува се’ поважна.
-Вие библиотекари не сте само чувари на книгите, туку едукатори – поддржувачи на критичкото размислување и активни учесници во изградбата на едно поинклузивно општество. Затоа денеска со посебно внимание се осврнуваме на темата „Услуги на корисниците со посебни потреби и лица со попреченост“, затоа на попреченоста не треба да се гледа како пречка туку како предизвик. Таа треба да биде поттик за библиотекарите да се приспособат да бидат пофлексибилни, поотворени и похумани. Затоа денес кога технологијата ни нуди се поголеми можности немаме изговор да не го направиме тоа. Говориме за пристапност во физичка смисла, до пристап до простории пристап до содржини преку Брајово писмо, аудио писмо, дигитални формати, приспособени образовни програми и персонализирана поддршка, потенцира Љутков.
Министерот оцени дека институциите ја носат одговорноста за културниот развој и затоа мораат да гледаат на достапноста не’ како на дополнителна обврска, туку како на основен принцип, додека оваа конференција е важен чекор во таа насока, за размена на искуства, идеи и добри практики.
-Ние како Министерство свесни сме за предизвиците со кои се соочуваат библиотеките, а оваа конференција е токму она што е потребно за зајакнување на улогата на библиотеките, да одговорат на предизвиците во современото општество каде попреченоста не е ограничување туку потсетник дека овие инстутуции треба да бидат флексибилни и отворени и човечни, а оваа конференција е чекор напред во таа насока, додаде Љутков.
Убавка Јаневска
