Од 19 до 28 мај нов театарски фестивал „5ре“ во Велес
Десеттина дена Велес ќе биде домаќин на нов театарски фестивал „5РЕ“ наречен по великанот Петре Прличко. Велешката публика од 19ти до 28 мај, ќе има можност да биде дел од девет театарски претстави распоредени во два дела. Во првиот дел од театарскиот фестивал ќе бидат прикажувани седум хит комедии од кои шест во велешкиот театар „Јордан Хаџи Константинов – Џинот“ и една театарска претстава којашто ќе се одигра на последната вечер во амфитеатарот на Младински парк. Вториот дел од театарската програма се две детски театарски претстави. Организаторот на театрскиот фестивал „5РЕ“ Ненад Витанов на денешната прес – конференија рече дека отворањето на овој фестивал претставува празник на нивната професија и дека е посебно горд што имаат богата театарска програма.
-Пред се сакам да се заблагодарам до градоначалникот на Општина Велес Марко Колев, до Претседателот на Советот на Општина Велес Зоран Љутков како и до целиот совет на Општина Велес коишто имаа слух за овој нов театарски фестивал на популарни театарски претстави. На 19ти мај е свеченото отворање на фестивалот со претставата „Слуга на двајца господари“. Потоа на 20 мај, ни гостува Драмски театар со претставата „Странци“. На 21 мај, претставата „Да инспекторе“ на прилепскиот театар. Потоа на 25 мај, во велешкиот театар ќе биде одиграна најпопуларната претстава во последните 10 години на театар Комедија и има преку 150 изведби, станува збор за претставата „Вардарски пастуви“. На 26 мај претставата „Пасивно пушење“, на 27 мај претставата којашто е класика на македонскиот театар а тоа е „Не се клади на енглези“ со ултра популарниот Сашко Коцев. Бидејќи живееме во тешки економски времиња на барање на градоначалникот и претседателот на Совет на Општина Велес одлучивме да имаме и бесплатна фестивалска програма односно Stand up со Тино и Атанас во амфитеатарот на Младински парк. Исто така имаме две детски претстави, „Чунгалунговски, Пепелашка и Принцот Тортичка“ ќе се одржи на 26 мај во велешкиот театар и на 28 мај претставата „Супербајкастично“, додаде Витанов.
Велешкиот актер и организатор на фестивалот Жарко Спасовски рече дека овој фестивал е новороденче коешто ќе треба да се чува и негува.
-Би сакал за десет, дваесет години овој фестивал се уште гласно да зборува и секоја година да гостуваат најдобрите театарски претстави. На отворањето на фестивалот имаме чест да ја доделиме наградата за животно дело „Петре Прличко“ која оваа година се доделува на еден од најдобрите актери, шоумени, музичари, автори еден и неповторлив Игор Џамбазов. Сакам да ги поканам сите велешани, сите македонци да дојдат и да уживаат, додаде Спасовски.
Овој фестивал е почеток од блок на културни манифестации коишто ќе следат во текот на годината во градот Велес, ова го соопшти Претседателот на Советот на Општина Велес Зоран Љутков.
-Почнувајќи од 19 мај, фестивалот „5РЕ“ којшто ќе трае десеттина дена. Потоа продолжуваме со нова манифестација којашто се надевам дека ќе остане традиција понатаму низ годините, забавно рекреативно спортска манифестација којашто ќе се случува помеѓу втори и петти јуни во градскиот парк. Потоа следува познатата манифестација Рацинови средби, фолклорниот фестивал, фестивалот на античка драма „Стоби“, меѓународната склуптурска колонија и новиот фестивал „Џес world“ и современа музика. Значи дека до крајот на октомври скоро некој ден ќе биде исполнет со културни настани, додаде Љутков.
Градоначалникот на Општина Велес Марко Колев рече дека му е чест што за прв пат се поставуваат темелите на новиот театарски фестивал „5РЕ“.
-Културата значи проширување на умот и душата, културата е онаа којашто сите не оплеменува но многу често таа се заснова на традиции коишто треба да ги негуваме но и традиции коишто ние треба да ги создаваме, додаде Колев.
Билетите за сите претстави ќе може да се купат од билетарата на велешкиот театар почнувајќи од денес од 18:00 часот. Билетарата ќе работи од 10:00 до 14:00 како и од 18:00 до 20:00 часот. Цената на влезниците за театарските претстави изнесува 200 денари.
Театарската претстава којашто ќе се одигра во амфитеатар на 28 мај е бесплатна. Исто така, билетите за двете детски претстави се бесплати со претходно набавување од билетарата.
Основач и покровител на фестивалот е Општина Велес, организатор е здружението со делегирана надлежност „Плус публика“ Велес и истиот е поддржан од повеќе спонзори.
Стефани Манева