(фото и видео) Отворена дигитална изложба во чест на Панко Брашнаров во велешката библиотека

Дигитална изложба којашто содржи 90% од архивската документација на македонски комунист, член на првиот Централен комитет на ВМРО (Обединета) и потпретседател на Президиумот на АСНОМ, Панко Брашнаров, денеска, беше отворена во медијатеката на велешката библиотека „Гоце Делчев“.
Присутните граѓани и ученици имаа можност да го погледнат видеото изработено од страна на Државен архив на РСМ – Одделение Велес коешто трае околу 26 минути и да се запознаат со биографијата на велешанецот Брашнаров како и да ја погледнат неговата лична и семејна документација како и документацијата од политичките ангажмани.
Јасмина Дамјановска од Државен Архив на РСМ – Одделение Велес пред присутните детално ја опиша дигиталната изложба којашто е поделена на шест тематски единици.
Директорката на градската библиотека „Гоце Делчев“, Снежана Бошевска, пред присутните ја претстави и книжевната литература којашто ја поседува, со цел учениците да ги користат книгите, да читаат, да се наградуваат и да истражуваат.

-Ние како културни работници и образовни работници не смееме да се откажеме и треба да ги мотивараме младите да читаат и да истражуваат. Она што го има архивот, што го има библиотеката е огромно богатвство коешто треба да го чуваме но и да го користиме, додаде Бошевска.

За време на настанот двајца ученици од основното општинско училиште коешто го носи името на Брашнаров, ја читаа неговата биографија. Инаку, дигиталната изложба може да ја погледнат сите заинтересирани граѓани, но со претходно пријавување во градската библиотека.
Изложбата беше отворена по повод 140 години од раѓањето на Брашнаров и 8 Септември –Денот на независноста на Македонија.
Стефани Манева
