Премиера на театарската претстава „Рацин“ вечерва на „Охридско лето“
Премиерата на театарската претстава „Рацин“ во режија на Дејан Пројковски и драматургија на Сашо Димоски ќе биде изведена од Народниот театар „Јордан Хаџи Контантинов –Џинот“ вечерва во рамки на програмата на „Охридско лето“, пишува Охрид њус.
–Ова е една од најзначајните претстави кои годнава ги имаме на „Охридско лето“, бидејќи се работи за еден значаен историски лик Кочо Рацин, кој за мене претставува еден од најбитните луѓе кои ме креирале како човек по неколку прашања. Кочо Рацин е непослушниот комунист, најголемиот романтичар, првиот деклариран комунист кој го преземена името на својата љубена како свое презиме. Претставата која ќе ја видите вечерва изобилува со неверојатни визуелни и музички сензации, доста богата, емотивно полна, рече селекторката на драмската Програма на фестивалот „Охридско лето“, Сања Арсовска.
На денешната прес конференција режисерот Дејан Пројковски истакна дека претставата за него била едно патување, како Диоген сред бел ден, кога тргнал со свеќа во рака да го бара човекот.
–Ние во оваа претстава тргнавме со свеќата како Диоген денес да ги бараме рефлексиите што се од Рацин во нас. Се обидовме да создадеме една претстава којашто всушност не инспирира од ликот и делото на Рацин, а тоа сето е преведено на еден современ сценски јазик, на нашето време. Претставата не си дава за задача и одговорност да го раскажува животниот пат на Рацин или да раскажува некои историски лавиринти, всушност претставата е наша рефлексија за тоа што претставува денес Рацин. Имавме еден интересен возбудлив процес и многу ми е драго што создавајќи го тој современ јазик во една театарска лабораторија, успеавме да ја пронајдеме емоцијата на Рацин што е автентична, и што некако сите длабоко во нас ја носиме. Зошто Рацин е дел од нашата митологија, ДНК на секој од нас и ми е драго што успеавме да ја пронајдеме неговата емоција со нови изразни средства. Многу се радувам што претставата ја создадовме во Велес, градот каде беше многу логично е да се случи Рацин, рече Пројковски.
Драматургот Сашо Димоски изрази задоволство што претставата „Рацин“ го наоѓа својот дом на фестивалот „Охридско лето“.
–Драматургијата за претставата е кроена според поезијата и прозата за Рацин од една страна, а од друга страна и според оние метатекстуални записи кои постојат во самиот опус на Рацин. Најголем предизвик за мене беше да се транспонира поезијата во драма. Во драматургијата се занимавав со откривање на работи за Рацин кои не ни се познати. Во оваа смисла оваа претстава верувам дека ќе понуди една нова вистина за сето она кое ние го знаеме за Рацин. Не можеме да зборуваме за ништо од развојот на нашата современот ако го прескокнеме Рацин. Не можеме да го замислиме развојот на современата македонската проза, поезија и уметност, генерално, без да зборуваме за Рацин. Во таа смисла ова ново откривање на идентитетот на Рацин сметам дека е едновремено и навраќање кон суштините заради кои денес сме тука каде што сме или не сме. На публиката ќе и понудиме едно свежо, ново и несекојдневно доживување и третирање на Рацин, не само како уметнички, туку и човечки идентитет, истакна Димоски.
Дел од актерската екипа на денешната прес конференција ги искажаа своите впечатоци за самата претстава и уделот во истата.
–На голем дел од нашата екипа, Рацин како тема ни е многу близок. Ова е поодамнешна идеја да се реализира проектот на тема Рацин заедно со Пројковски. И ми е драго што после десет години успеавме да го реализираме. Првпат нашиот театар прави претстава посветена на Рацин, на неговиот лик и дело. Преку неговата социјална и љубовна поезија допира до многу народи и нации насекаде во светот. Во овој проект ние се обидовме да направиме своеврсна демитологизација на ликот на Рацин, бидејќи тој е обвиткан со многу мистерии, неразјаснети аспекти од неговиот личен живот, творештво… Се обидовме да го третираме Рацин како еден човек од крв и месо кој има своја сенка, затоа што многу од настаните и случките се производ на неговиот карактер, судбината, луѓето и времето. Претставата дава една јасна слика и за Рацин и за времето во кое живее, рече Васил Зафирчев.
-За жал како и многу нации кои се формирале низ бурни и драматични времиња и ние имаме дел од таа крвава историја. Ликот мој е деструкцијата што ние како историски факт, недоразбирање, намера ја направивме врз нашата култура, политичка мисла, прашање кое до денес денес не е точно одговорено, лебди во јавноста. Се обидуваат театарот, филмот, литературата, одредени новинарски истражувања да ја распламтат таа димензија на неговата трагична смрт. Секогаш нашата македонска нација ќе се соочува со прашањето дали тоа беше баш оваа веризја која ја знаеме или има нешто скриено и што е поважно кои се мотивите за тој трагичен настан. Ние како нација ја носиме сопствената слава, но и деструкција, истакна Јордан Витанов.
-Досега не сум се сретнал со толку богат и болен лик. Сметам дека направиме голем подвиг, дека ќе направиме уште поголем. Сметам дека направивме доста добра претстава која ќе се игра многу долго време. Одвај чекам да го оствариме контактот со публиката, рече Исидор Јованоски.
Во претставата играат и Кети Борисовска, Весна Димитровска-Бобевски, Слободанка Чичевска, Талија Настова, Благојчо Стојанов, Славица Манаскова, Орхидеја Дукова, Кристина Зафирова, Илин Јовановски, Леонида Гулевска, Тодор Стојковски, Бранко Михајлоски и Илина Чонкова.
За костимографија во претставата задолжени се Раде Василев и Елена Вангеловска кои го искажаа своето задоволство од самиот процесот на изработка на костимите.
–Избравме да направиме современи костими, инспирирани од македонската риза и замисливме дека костимите треба да бидат токму тие каде ќе биде испишана цела поезија на Рацин, на овој или на оној начин. Индивидуалните костими, како што се знамето, листот итн., се акцентите кои ни беа неопходни, потребни и многу точни. Затоа мислам дека направиме многу едноставен, модерен, но точен костим за оваа претстава, рече Василев.
Беше потенцирано дека во претставата доминираат и музиката и костимите како и дејствието и сценографијата и се тоа се надополнува едно со друго.
–Музиката не е само позадина, тука ги надополнува сите емоции на актерите, ги вади, ги става во некои одредени ситуации. Мислам дека освен некои поетски вечери пропратени со гитара, ова е нешто прво во Велес што се има случено, да се одберат осум песни за Рацин. Соработката беше многу интересна. Овојпат стилот на музиката е многу различен колаж, има техно примеси, летаргични музики, весели, но не заборавивме да се занимаваме и со нашата генетика. Има една добра нијанса на фолклорна линија, рече композиторот Сашко Костов.
Претствата ќе биде изведена вечерва, со почеток во 21 часот, на сцената во НУ Центар за култура „Григор Прличев“.
Дума.мк