Премиерата „Госпоѓа Министерка“ на велешки Театар, вечерва, го отвора IV Фестивал „5 РЕ“ и актерката Зорица Панчиќ одбележува јубилеј

Објавено на 27 март, 2025 во 07:29

Претставата „Госпоѓа Министерка“, работена по текст на српскиот писател Бранислав Нушиќ ја режираше Синиша Ефтимов.  Иако станува збор за текст на автор којшто припаѓа на класиката, сепак, ликот на главната протагонистка во неа граден е на карактерот и особините на една современа министерка. Таа е олицетворение на денешните случувања  во некој паралелен универзум и дава можност на препознавање од страна на голем број на граѓани токму преку лични маани и доблести, премрежија и предизвици на современиот начин на живот, рече режисерот Ефтимов.

-Нушиќ е болно прцизен а неговите текстови, иако напишани се многу одамна, тие се уште модерно резонираат во денешното современие. Се уште можат да се препознаат сите ликови кои се појавуваат на сцена. Тие постоеле и порано но постојат и денеска што  покажува дека начинот на кој еволуираме, како цивилизација, не е добар. Не зборувам само за нашата држава, зборувам воопшто за планетата Земја. Не сме успеале да научиме од нашите грешки и се уште се однесуваме и ги решаваме проблемите на ист начин како  пред 100 години. Не научивме да станеме поголеми луѓе од она што би требало да бидеме, се уште се занимаваме со ниски страсти, малодушност, малограѓанство. Тоа се работи кои треба да ги надминеме за да станеме подобро општество, додаде Ефтимов.

Режисерот Ефтимов истакна дека е презадоволен од условите за работа во велешки Театар, од професионалниот однос како на актерите така и на целиот тим кој се наоѓа позади сцената, истакнувајќи ја притоа актерката Зорица Панчиќ која го толкува главниот лик и одбележува три децении професионален ангажман.

-Јас сум уметник и како и сите ние, уметниците, ги чувствувам работите поинаку и посилно. Трагедијата што се случи во Кочани беше второто нешто што беше трагично во нашиот театар и за нашите емоции. Првото нешто беше што го загубивме нашиот драг колега Самоил Стојановски, за којшто ќе кажам по кој знае кој пат, дека никогаш нема да биде заборавен. Потоа следеше трагедијата во Кочани и сега треба да ни се случи урнебесна комедија. Се надевам дека ќе се случи. Ние даваме се од себе да се случи.  И покрај мојот јубилеј, што секако ми е важен, важно ми е што го славам токму овде, во овој театар, со фантастична екипа, со прекрасни млади луѓе кои допрво ќе треба да ги слават своите јубилеи и многу ми е мило што се дел од мојата прослава која се надевам дека ќе биде и нивна прослава. Ве поканувам сите да дојдете на претставата и да ја погледнете и да се забавувате како што ние се забавувавме додека ја подготвувавме, рече Панчиќ.

Директорот на театарот, Жарко Спасовски откако изрази сочувство на семејствата на загинатите во пожарот во Кочани ја потенцираше благородната улога на професијата која прави обид и во тешки денови да ги оттргне мислите на публиката од секојдневието. Тој упати покана до сите граѓани да дојдат и да го проследат фестивалот и особено премиерното прикажување на претставата „Госпоѓа Министерка, на велешки Театар.

Влезниците за претставите на фестивалот „5 РЕ“ чинат 200 денари и можат да си купат само на билетарата на театарот годинава со можност за купување на најмногу четири од еден посетител. Собраните средства од влезниците за премиерното прикажување на претставата „Госпоѓа Министерка“ имаат хуманитарна цел поточно наменети се за семејствата на загинатите во пожарот во Кочани. 

Убавка Јаневска

Сподели:

Напиши коментар

Станете член на ДУМА.мк и споделете го вашето мислење преку коментар. Кликнете тука за да се најавите.