Претставата ,,Eдвард Втори” оваа сабота, за прв пат, ќе биде изведена на матичната сцена во велешкиот театар
После успешна премиера на Фестивалот „Охридско лето“, претставата „Едварт Втори“ за прв пат ќе биде одиграна и пред велешката публика на матичната сцена „Петре Прличко“ во велешкиот театар. Велешани на 9 септември, во сабота, ќе имаат можност да ја изгледаат претставата којашто е работена според Кристофер Марлоу и претставува копродукциски проект на НУЦК Театар „Јордан Х.К. Џинот“ Велес и Драмски Театар Н.О. Масалитинов од Пловдив, Република Бугарија.
Режисерот на претставата Андриј Жолдак вели дека оваа претстава има неколку различни насоки но главната насока е приказната за „Едвард II“ во драмата на Марлоу, проследена од „Ричард II“од Шекспир.
-Темите на главната драма кои се интересни за мене и за кои зборуваме се: односот татко и син, во отсуство на мајката, мотивите на моќта и луксузот а со тоа и прекумерното уживање, енергијата на младите луѓе и нивната дирекност. Исто така, бракот на Едвард и создавањето семејство…и некомпатибилноста. Понатаму, промената на сексуалната ориентација на Едвард и неговата страсна љубов кон мажите. Смртта на таткото, на кралот, а со тоа и исчезнувањето на сите бариери и пречки за синот. Есенцијално е и лудилото на напуштената жена – сопругата и кралицата и планот да се убие сопругот. Исто така, темнината на човечката психа, психолошките и сексуалните односи помеѓу луѓето. Сепак, крајниот конфликт на 21 век е конфликтот за превласт, меѓу мажот и жената, и во текот на оваа претстава ќе видиме како тоа се одвива. Овие нишки се раскажуваат низ различни театарски форми, од психолошки вистинити ситуации до ритуален театар и од современиот физички театар до можниот театар на иднината. Во центарот на приказната се актерите кои се вистински личности и преку нив можеме да видиме и нешто за луѓето кои живеат денес, во 2023 година. Тука лежи и прашањето дали луѓето се смениле, од тие времиња до нашите денови, и ако се смениле, во кој правец ќе течат водите…Во исто време, на пробите, ќе набљудуваме и бележиме што им се случува на македонските актери во текот на овој процес…интересно да се види..! После постановките на „Електра“ и „Соларис“ во МНТ, „Едвард II“ е мојата трета претстава со македонски актери, и токму кај нив ме фасцинира нивната отвореност кон театарот и нивната желба да живеат!, додава Жолдак.
Текстот на претставата е пишуван од Андриј Жолдак и Сашо Димовски којшто е и драматург на претставата. Сценографијата е на Андриј Жолдак и Даниел Жолдак. Костимографијата е на Симон Мачабели и Раде Василев, додека музиката е на Сашко Костов.
Асистент на режија е Никола Кимовски, проектен координатор Катерина Стефановска, превод и лектура Весна Костовска, инспициент Славиша Ѓорѓиев и суфлер Орхидеја Дукова.
Главната машка улога во претставата, Едвард Втори, ја имаат Илин Јовановски и Борис Крстев, додека женската улога, Изабела Де Валоа ја има Јована Миладинова. Останатите улоги ги играат ПИРС ГЕЈВСТОН – Васил Зафирчев, КЕНТ – Јордан Витанов, МОРТИМЕР – Бранко Михајлоски, ЛАЈТБОРН – Кире Ацевски, ЕДВАРД ТРЕТИ – Никола Петковиќ, МАРГО – Сандра Танчева, ДВОРЈАНИ: Марија Баркова, Леонида Гулевска, Бобан Алексоски, ПАЖ – Тодор Стојковски.
Претставата не е наменета за лица помлади од 16 години.