Претставата ,,Eдвард Втори” оваа сабота, за прв пат, ќе биде изведена на матичната сцена во велешкиот театар

Објавено на 6 септември, 2023 во 15:02

После успешна премиера на Фестивалот „Охридско лето“, претставата „Едварт Втори“ за прв пат ќе биде одиграна и пред велешката публика на матичната сцена „Петре Прличко“ во велешкиот театар. Велешани на 9 септември, во сабота, ќе имаат можност да ја изгледаат претставата којашто е работена според Кристофер Марлоу и претставува копродукциски проект на НУЦК Театар  „Јордан Х.К. Џинот“  Велес и Драмски Театар Н.О. Масалитинов од Пловдив, Република Бугарија.

Режисерот на претставата Андриј Жолдак вели дека оваа претстава има неколку различни насоки но  главната насока е приказната за „Едвард II“ во драмата на Марлоу, проследена од „Ричард II“од Шекспир.

-Темите на главната драма кои се интересни за мене и за кои зборуваме се: односот татко и син, во отсуство на мајката, мотивите на моќта и луксузот а со тоа и прекумерното уживање, енергијата на младите луѓе и нивната дирекност. Исто така, бракот на Едвард и создавањето семејство…и некомпатибилноста.  Понатаму, промената на сексуалната ориентација на Едвард и неговата страсна љубов кон мажите. Смртта на таткото, на кралот, а со тоа и исчезнувањето на сите бариери и пречки за синот. Есенцијално е и лудилото на напуштената жена – сопругата и кралицата и планот да се убие сопругот. Исто така, темнината на човечката психа, психолошките и сексуалните односи помеѓу луѓето. Сепак, крајниот конфликт на 21 век е конфликтот за превласт, меѓу мажот и жената, и во текот на оваа претстава ќе видиме како тоа се одвива. Овие нишки се раскажуваат низ различни театарски форми, од психолошки вистинити ситуации до ритуален театар и од современиот физички театар до можниот театар на иднината. Во центарот на приказната се актерите кои се вистински личности и преку нив можеме да видиме и нешто за луѓето кои живеат денес, во 2023 година. Тука лежи и прашањето дали луѓето се смениле, од тие времиња до нашите денови, и ако се смениле, во кој правец ќе течат водите…Во исто време, на пробите, ќе набљудуваме и бележиме што им се случува на македонските актери во текот на овој процес…интересно да се види..! После постановките на „Електра“ и „Соларис“ во МНТ,  „Едвард II“ е мојата трета претстава со македонски актери, и токму кај нив ме фасцинира нивната отвореност кон театарот и нивната желба да живеат!, додава Жолдак.

Текстот на претставата е пишуван од Андриј Жолдак и Сашо Димовски којшто е и драматург на претставата. Сценографијата е на Андриј Жолдак и Даниел Жолдак. Костимографијата е на Симон Мачабели и Раде Василев, додека музиката е на Сашко Костов.

Асистент на режија е Никола Кимовски, проектен координатор Катерина Стефановска, превод и лектура Весна Костовска, инспициент Славиша Ѓорѓиев и суфлер Орхидеја Дукова.

Главната машка улога во претставата, Едвард Втори, ја имаат Илин Јовановски и Борис Крстев, додека женската улога, Изабела Де Валоа ја има Јована Миладинова. Останатите улоги ги играат ПИРС ГЕЈВСТОН – Васил Зафирчев, КЕНТ – Јордан Витанов, МОРТИМЕР – Бранко Михајлоски, ЛАЈТБОРН – Кире Ацевски, ЕДВАРД ТРЕТИ – Никола Петковиќ, МАРГО – Сандра Танчева, ДВОРЈАНИ: Марија Баркова, Леонида Гулевска, Бобан Алексоски, ПАЖ – Тодор Стојковски.

Претставата не е наменета за лица помлади од 16 години.

Сподели:

Напиши коментар

Станете член на ДУМА.мк и споделете го вашето мислење преку коментар. Кликнете тука за да се најавите.