Промоција на документарецот „Низ бурите на историјата“ на наставник Андовски, утревечер, во Чашка

Објавено на 15 мај, 2025 во 09:27

Промоцијата на аматерскиот документарен филм со наслов „Низ бурите на историјата“ на одделенскиот наставник од училиштето, Горан Андовски, ќе се одржи во салата на ООУ „Тодор Јанев“ во Чашка, утревечер, 16 мај, со почеток во 20 часот.

Филмот успева да ја долови тежината и суровоста на животот на обичниот човек, за време на Прва и Втора светска војна, поточно на населението што живеело на територијата по течението на реките Тополка и Бабуна или на подрачјето на денешна Општина Чашка како и поврзувањето на минатото сo сегашноста.

Авторот Андовски, внимателно избрал ликови кои постоеле и делувале на оваа територија преку обработка на архивски материјали и визуелни прикази за филмот да тежи кон потсетување дека историјата не се состои само од датуми и настани, туку пред сè од човечки судбини и тоа болни, трагични и храбри.

-Одбрани се два лика со сосема различни животни приказни. Дели Насуф, арамија што пустошел во регионот и Тодор Јанев народен херој кој активно учествувал во акциите на партизанскиот одред „Димитар Влахов“. Она што ме поттикна на ваков чекор е неправедната запоставеност на богатото културно минато на поширокиот регон во кој сите ние живееме и работиме. А без да си го почитуваме, сакаме и негуваме минатото немаме иднина. Нашиот регион има приказни со кои треба да се гордее и државата, но од разни причини се оставени на времето на заборав со што сметам дека се осакатени идните генерации кои не го познаваат своето минато, рече Андоновски за Дума.мк.

Промоцијата на аматерскиот документарен филм „Низ бурите на историјата“ е отворена за сите граѓани како на Чашка така и за вљубениците во оваа уметност.

Убавка Јаневска

Сподели:

Напиши коментар

Станете член на ДУМА.мк и споделете го вашето мислење преку коментар. Кликнете тука за да се најавите.