Промовирана новата поетска збирка „Скршена тишина“ на Елизабета Бандиловска во Велес

Објавено на 29 мај, 2025 во 13:29

Во просториите на Локалната библиотека „Гоце Делчев“ – Велес, во топла и инспиративна атмосфера, синоќа се одржа промоцијата на поетската збирка „Скршена тишина“ од македонската поетеса Елизабета Бандиловска. Ова е нејзино четврто поетско дело, со кое авторката уште еднаш ја потврди својата препознатлива позиција на македонската книжевна сцена.

На промоцијата, стиховите од збирката беа интерпретирани и толкувани од промоторите д-р Мито Спасевски и м-р Ели Маказлиева. Тие ја нагласија комплексноста на поетскиот израз на Бандиловска, истакнувајќи дека нејзините стихови се богати со метафори, симболика и интимни слоеви што ја отвораат поезијата кон различни читања и емотивни доживувања.

Настанот беше збогатен со музички настапи. Присутните имаа можност да уживаат во изведбите на пејачката група при Здружението на пензионери Велес, кои со своето присуство уште еднаш ја потврдија посветеноста на ова здружение кон културата и зачувувањето на традицијата. Музичката атмосфера дополнително ја надополни младиот пијанист Стефан Ракиџиев, чии интерпретации беа придружба на читањето поезија.

„Скршена тишина“ е уште една значајна поетска објава на современата македонска литература, која преку лични и универзални теми нуди простор за размислување, сочувство и духовно збогатување.

Стефани Манева

Сподели:

Напиши коментар

Станете член на ДУМА.мк и споделете го вашето мислење преку коментар. Кликнете тука за да се најавите.