Промовирано годишното издание на списание „Велес“, издавачот се соочува со сериозен финансиски предизвик
Излезе од печат 25 број на Списанието „Велес“ на Друштвото за наука и уметност од Велес. Списанието коешто е покренато за да овозможи публикување на научни трудови, истражувања, анализи, како и значајно творештво на велешани од разни области на историското и културно творештво за градот Велес по седум годишен прекин сега го издава Друштвото на писатели „Кочо Рацин“ од Велес. Во Градска библиотека „Гоце Делчев“ денеска беше промовирано 25 издание од страна на главниот и одговорен уредник Проф.д-р Васил Тоциновски.
Издавањето на списанието „Велес“, иако содржи значајни податоци за градот особено корисни за истражувачката дејност со децении се соочува со сериозни финансиски потешкотии. Поврзани се со печатењето бидејќи авторите се ентузијасти кои ги отстапуваат материјалите без финансиски надомест. Нив ги наследи и сегашниот издавач Клуб на писатели „Кочо Рацин“ од Велес.
Станува збор за списание кое во 1997 година го покренаа како иницијатива академик Александар Спасов, Вера Весковиќ Вангели и д-р Васил Тоциновски во рамки на Друштво за наука и уметност од Велес. Неговата традиција на годишно издание беше прекината седум години за сега да се печати со материјална поддршка на членовите на Клуб на писатели „Кочо Рацин“ и од донации.
Убавка Јаневска