Седум децении постоење на Ансамбл „Керамичар“, концерти во велешки Театар (фото и видео)
Ансамбл „Керамичар“, вчера вечер, започна да го одбележува 70 годишниот јубилеј. Вчера вечер се одржа првиот двочасовен концерт додека вториот ќе се одржи вечерва. Десетици играорци од Велес, кои низ седум децениското постоење на поранешното Културно уметничко друштво а сега Ансамбл, на публиката и ги прикажаа најубавите велешки и македонски ора и потврдија дека се генерации кои ја негуваат традицијата и во исто време ја пренесуваат на млади, сеуште деца во родниот град.
Пост хумно му беше доделено признание на вокалниот интерпретатор на „Керамичар“, Трајче Ламљов.
Според претседателот на Ансамбл „Керамичар“, Томе Јаневски голем е бројот на велешани кои со својата посветеност како играорци, вокални интерпретатори на македонската народна песна или музичари со музицирање во оркестарот придонесоа да се одржи фолклорната традиција во Велес и не само во ова туку и во уште двете други културно уметнички друштва „Вила Зора“ како и „Коле Неделковски“. Градот треба да биде горд на овој дел од својата историја.
Вчера вечер, на голема сцена на велешки Театар „Јордан Х.К Џинот“, првиот јубилеен концерт го отвори третата фолклорна група на млади играорци со ората „Буфчанско“, „Доце Доце“ и „Сред село“. Младите вљубеници во македонскиот фолклор ги собраа аплаузите на многубројната публика која бараше место повеќе во театарската зграда. Публиката заслужено ги наградуваше со овации и аплаузи и сплетот на кола на гостите, играорци на КУД„Космај“ од град Сопот, Република Србија, потоа млладите од втората фолклорна група на „Керамичар“ при играњето на кореографијата „Овчеполка“ и „Прилепски игри“, како и младите ветерани кои ја изведоа кореографијата „Егејски игри“. Со „Лазаренки“ настапија и играорците на првата фолклорна група на Ансамбл„Керамичар“.
Брилијантна беше изведбата и на „Велешка традиционална свадба“ од страна на учениците на ДМБУЦ„Илија Николовски Луј“ од Скопје од насоката за традиционална музика и игра.
Публиката, во која беа и гости кои се долгогодишни пријатели на велешкиот Ансамбл од Босна и Херцеговина, Хрватска, Турција и Бугарија, уживаше и во настапите солистот на хармоника Александар Пановски како и во изведбите на македонските народни песни на Анета Арсовска и согрѓаните од групата „Соната“ со вокалната интерпретаторка Кате.
И вечерва, на вториот целовечерен концерт, ја очекуваат играорците домаќини, ветерани од различни генерации на „Керамичар“, на Ансамблот за народни игри и песни „Танец“ од Скопје, на гостите од Република Бугарија, вокалните солисти Даниела Цветковска и Игор Андреевски“ како и оркестарот на ОМУ„Стефан Гајдов“ .
Концертот започнува во 19:00 часот во велешки Театар.
Убавка Јаневска