Стихозбирката „Љуби, верувај и надевај се“ на Светлана Мазгалоска Вучетиќ промовирана во Велес (фото)
Книгата поезија „Љуби, верувај и надевај се“ на авторката Светлана Мазгалоска Вучетиќ, посветена на нејзината мајка, денеска, беше промовирана во медијатеката на градската библиотека „Гоце Делчев“ во Велес . Оваа поезија е всушност и нејзино првенче коешто е објавено по повод нејзиниот 55 роденден и содржи ист број на песни.
За време на промоцијата на поезијата, рецезентката Лили Арсова, рече дека самиот наслов на книгата објаснува дека многу љубов, верба и надеж содржат стиховите на песните напишани во неа.
-Веројатно на ниту едно друго место нема да пронајдеме по вистинит опис на сето она што значи да се биде поет, да се подари сопствената душа, да се биде тенка нишка која ги поврзува чувствувањето и создавањето на среќата и тагата, љубовта и копнежот, животот и смртта. Сепак малкумина се оние коишто на читателот му се подаруваат во целост. Без компромис, до сржта на чистата соголема вистина. Искреноста кон себе, кон другиот, а најповеќе кон зборот е можеби сушстествена одлика на творешството на авторката. Од првиот објавен стих, па се до последниот поетски здив, поетскиот збор на Вучетиќ го следи ритамот на животот и ритамот на срцето, додаде Арсова.
Писателката Вучетиќ им се заблагодари на велешани за присуството и додаде дека патувајќи накај Велес напишала неколку стихови кои во моментот ги почуствувала.
„Денес ќе уживаме во центарот на Македонија.
Во градот кадешто се негува поезијата.
Ќе уживаме во љубовта и стиховите.
Ќе си дадеме можност да одиме дома полни со емоции“.
-Ова е мое првенче но со последно напишани песни. Пишувам од дете, во четврто одделение објавував песни во „Развигор“ и „Наш свет“. Пишував на српско – хрватски јазик во тоа време и дел од тие стихови не се објавени. Се надевам дека ќе дојде време и тие стихови, коишто претставуваат материјал за уште две- три книги, ќе бидат извадени од печат. Мојата мајка прерано не напушти и некако тој период беше обележан со вниманието коешто таа го имаше, тогаш наполнив и 55 години и решив да се почестам себе си со една стихозбирка која ја посветив на мајка ми. Пишувајте го тоа што го чувствувате, секогаш бидете отворени да ги искажете своите емоции, бидејќи јас секогаш ги ставам на хартија, додаде Вучетиќ.
Промоцијата со свој музички перформанс ја отвори Марко Стојанов додека извадоци од книгата читаа ученичките Паола Димитрова, Анастасија Ѓошева, Мила Мартинова и Магдалена Бобевска.
На самиот крај, афористичарите Атанас Крлевски и Ацо Ѓорѓиевски, читаа свои љубовни афоризми.
Стефани Манева