Велешанецот Благој Ламњов со прв самостоен концерт во родниот град
Песните од албумот „ Nostalgic Love“ и звуците од кларинетот на Благој Ламњов, велешани ќе имаат можност во живо да ги слушнат на првиот самостоен концерт којшто го организира во родниот град. Ламњов којшто настапува на светски сцени, овој пат, придружуван од шведскиот гитарист Петер Тегнер ќе приредат вистинско уживање и за неговите сограѓани кои со години го подржуваат и ја слушаат неговата музика.
Дума.мк го праша Ламњов какво чувство буди подготовката на првиот концерт во Македонија, поточно во неговиот град Велес, на што тој одговори дека има трема но и желба граѓаните да се чуствуваат како на некоја опуштена домашна седенка.
-Искрено, се чувствувам чудно. Јас сум пораснат во Велес и во велешките играорни друштва, што придонело да имам стотици блиски пријатели и познаници од градот. Сме свиреле на разни домашни седенки и играорни концерти. И сега ми е чудно да излезам на сцена и да бидам тој кој сега ќе свири за сите нив. Непријатно ми е. Сакам сите да се чувствуваат како да сме на некоја домашна седенка и целиот концерт да се одвива опуштено, додава Љамњов.
Тој ни откри и зошто велешани треба да бидат дел од овој концерт и додава дека ќе има и мали изненадувања со разни гости.
-Неколку илјади велешани го имаат слушнато мојот албум Nostalgic Love и познат им е мојот стил на свирење. Познато им е што јас правам и како јас ја користам музиката. Ете ова ќе биде една можност за народот да го вкуси во живо тој тон и тој мој стил на свирење кој доби позитивни критики од сериозни обожаватели и познавачи на музика и музички инструменти. „Ти ми откри една цела нова димензија за кларинетот“ е често употребуван коментар кој јас го добивам од слушателите, додава Љамњов.
Концертот ќе се одржи на 3-ти јуни годинава во Народен Театар „Ј.Х.К Џинот“. Заинтересираните граѓани билетите ќе можат да ги обезбедат од понеделник, 15 април, на билетарата во велешкиот театар како и на интернет страната karti.com.mk.
Ламњов надополнува дека резервации на карти преку телефон нема да бидат овозможени, бидејќи според него сите граѓани се поеднакво важни и не сака да се почуствува никаква дискриминација помеѓу нив.
Стефани Манева