Велешанката Aлександра Aндреева ја промовираше својата прва стихозбрика „Боја во сето сиво“
Објавените песни на поетесата како за рака да го поведуваат читателот на прошетка по личниот музеј на емоции при тоа создавајќи му можност да допре до најинтимните сегменти на доживувањата, страдањата, радостите и сладостите на животот. Ова е само еден од повеќето описи на творештвото на поетесата Александра Андреева што вчеравечер пред публиката го издвои промоторот Михаило Свидерски промовирајќи го првенчето на авторката, стихозбриката „Боја во сето сиво“.
-Не насловените песнте се поделени во шест циклуси коишто претставуваат кохерентни целини. Иако поделени може да се читаат како една песна, како едно пеење. Поезијата на Андреева е пред се лирска, интимна, топла и блиска до читателот. Од една страна поезијата ја потенцира загубата и емоционалното страдање па од тука може да се каже дека таа е интроспективно женско писмо, писмо на исповед а од друга страна песните во оваа збирка претставуваат и освестувачка поезија која истовремено потресува и освестува но и опоменува, додаде промоторот Свидерски.
Стиховите во збирката допираат со божја енергија, како што вели Андреева верата и нејзиниот личен однос со Бог е тоа што и помогнало да преживее во сите невољи со коишто се соочила во животот, во сите тешки но и убави моменти. Поетесата веќе пишува и втора стихозбирка којашто исто така ќе содржи песни инспирирани од нејзиното секојдневие.
-Јас случајно почнав да пишувам поезија. Пред четири години, во тешки моменти, се роди оваа љубов и беше начин да се изразам. Ќе продолжам. Откако веќе оваа книга ја дадов на печатење, се родија нови инспирации и почнаа да се создаваат нови поеми. Се уште пишувам песни, лични, инспирирани од мојот живот и од животот на моите блиски. Бог ми е секојдневие, живот, така што пишувам од животот од којшто излегува поезија што значи дека и во втората стихозбирка сигурно ќе провејуваат истите теми, додаде Андреева.
Промоцијата на стихозбирката „Боја во сето сиво“ се одржа вчеравечер, на малата сцена во театарот „ЈХК – Џинот“ во Велес пред многубројна публика .
Промоцијата ја збогатија актерите на велешки Театар кои изведоа два перформанси со што придонесоа стиховите од песните полесно да допрат до сите присутни.
Стефани Манева