Велешките Анабелки со 21 награда во Сараево (фото)
Дваесет анабелки по петти пат беа дел од меѓународниот натпревар „Интер Денс Фест“ којшто се одржува во Сараево, Босна и Херцеговина. Овие културни амбасадорки на Велес учествуваа со 21 кореографија во различни танцови дисциплини и возрасни категории. Од сите кореографии тие освоија 9 први места, две втори, едно трето, две четврти, едно петто, едно шесто, едно седмо, едно осмо и три деветти места, со многу голема конкуренција.
-Учествуваа околу 3400 учесници од 98 танцови студија од 8 држави. Се натпреварувавме со клубови кои се редовни учесници на Европски и светски првенства и се европски и светски прваци а ние овој пат рамо до рамо со најдобрите од Европа. За жал ние немаме финансии да одиме на тие првенства но се трудиме да им конкурираме на најдобрите. Имавме 16 соло кореографии, 3 групни и 2 формации сите со многу голема конкуренција. Голема благодарност до Општина Велес кои и оваа година не поддржаа финансиски и го гледаат нашиот квалитет како мали амбасадори на нашиот град како и на ДПП „Алена“ ДООЕЛ Скопје кои учествуваа финансиски за дел од превозот. А најголема благодарност до нашите родители кои несебично ни помагаат и не поддржуваат во сите наши успеси и замислени цели, рече Цеца Пајдакова кореографка во студио „Анабела“.
Анабелките Ана Милевска, Калина Темелкова, Николија Лукарова, Илина Цветковска, Александра Глигоровска, Сара Лазарова, Лана Зврцинова, Марија Ќирова, Ива Ѓеоргиева, Миа Пеновски, Лидија Зафирова, Искра Ивановска, Ања Алчев, Тара Ангеловска, Мила Ангеловска, Андреа Трајкоска, Марија Симоновиќ, Лана Ракиџиева како и Кристина Коцевска и Мартина Ристовска кои се помлади инструктори, сериозно работеле во изминатиот период и се заслужни за целиот успех на овој меѓународен натпревар.
Кореографиите со коишто се претставуваат овие балерини се на кореографката Цеца Пајдакова и Дора Пајдакова којашто е ученик во МБУЦ „Илија Николовски Луј“, отсек современ балет како и со помош при вежбањето од инструкторките кои се членови на „Анабела“ осум години.
Стефани Манева