За прв пат фестивал на џез, ворлд и современа музика во Велес
На неколку локации во градот од 4 до 10 септември за прв пат ќе се одржи фестивал на џез, ворлд и современа музика. Велешани ќе имаат можност да уживаат во богата програма од различни жанрови на музика. Фестивалот ќе биде отворен со ворлд музика на 4 септември на платото пред Спомен – костурницата, во 20:00 часот, кадешто ќе настапат бендот „Перија“ и Енес Беговски но исто така ќе има и театарско – музички перфоманс со видеопроекции. Следната вечер, на 8 септември, ќе биде посветена на џез музиката кадешто велешани ќе имаат можност да уживаат во звуците од „Такси Конзилиум“ во пиварница „Паб“ во 21:00 часот.
Третата фестивалска вечер ќе биде со современата музика кадешто ќе настапат Дина Јашари и Сашко Костов додека последната вечер ќе настапат „Бопхендс“ и „Летечки пекинезери“. Последните две вечери од фестивалот, на 9 и 10 септември, ќе бидат организирани во велешкиот театар „ЈКХ –Џинот“ со почеток во 20:00 часот и по завршувањето на концертите ќе следи „After party“ на паркингот веднаш до театарот. Првата вечер со диџеј и виџеј сет ќе се претстават „Едит поинтс“ колектив за видеовизуелизации составен од Филип Коруновски и Борче Конзулов. Додека последната вечер, на забавата после концертот диџеј –сет ќе има Шамба и за тоа време ќе има визуелен перформанс на театар „Сенки и облаци“ – сенки од вода и масло. За разлика од првите две вечери кадешто нема да се наплаќа влез, на фестивалските вечери организирани во велешкиот театар ќе има влезница којашто ќе чини 200 денари.
Организатор на фестивалот е здружението „Арт генератор“. Борче Пејчев еден од организаторите, ги покани сите велешани но и граѓани од останатите општини да бидат дел од овој фестивал и да уживаат.
-Мислам дека склопивме добар продукт. Нашето здружение „Арт генератор“ е формирано со луѓе од уметноста и културата од кои двајца се музичари. Сакам да ги поканам сите граѓани, да дојдат, да погледнат што склопивме и каков продукт имаме и се надевам дека ќе уживаме сите заедно, Пејчев.
Градоначалникот на Општина Велес Марко Колев рече дека е особено горд што за прв пат во градот се организира фестивал од овој тип и што во изминатите 10 месеци интензивно се работи на културни настани.
-Сакаме да понудиме нешто ново, досега во нашиот град немало џез фестивал. Сакаме да ја подигнеме културата на повисоко ниво и доколку овој фестивал се покаже во добро светло би сакал следната година да има неколку фестивалски вечери повеќе, додаде Колев.
Општина Велес за овој фестивал издвоила 300.000 денари додека организаторите од здружението на „Арт генератор“ успеале да обезбедат дополнителни финансиски средства преку спонзори.
Стефани Манева