Започнува 21 Фестивал на античка драма „Стоби“ во велешки театар
Со претставата „Цар Едип“ на Народен театар од Сараево, БиХ, во режија на Диего Де Бреа,вечерва, започнува 21 Меѓународен фестивал на античка драма „Стоби“. Претставата е во официјалната фестивалска конкуренција. Актерите на Народен театар Сараево, ќе го отворат годинешното издание на „Стоби“ играјќи ја претставата на големата сцена „Петре Прличко“ во НТ„Јордан Хаџи Константинов Џинот“ во Велес, веднаш по свеченото отворање закажано за 20:00 часот.
И во наредните три дена, од 1 до 3 октомври, вторник, среда и четврток, на малата сцена „Борис Бегинов“ и на големата сцена „Петре Прличко“ во театарската зграда ќе следат прикажувања на фестивалски претстави кои ќе се натпреваруваат за добивање на престижните награди.
На програмата на годинешното издание на фестивалот на античка драма утре вечер, на 1 октомври, љубителите на театарската уметност ќе имаат можност да ја проследат претставата „Пенелопиада“ на Театар „Младип“ од Унгарија во режија на Жолтан Балаз. Во среда вечер, на 2 октомври, со претставата „Мир“, на фестивалот настапува Театар „Идиоти“ од Јужна Кореја. Режисер на претставата е Ли Сангмунг додека четврток вечер, на 3 октомври, со претставата „Нерон“ во режија на Ѓорги Ризески ќе се претстават актерите на „Приватна продукција“ во ко-продукција со МКЦ од Скопје.
Античката драма „Монолози и сцени“ во режија на Роберт Вељановски и Теа Беговска на Универзитет за аудиовизуелни уметности „Еуропа Прима“ е единствената претстава што на годинешното издание на фестивалот „Стоби“ е селектирана во OFF програмата. Неа посетителите на фестивалот ќе можат да ја проследат во петок, на 4 октомври.
Наредната вечер на 5, октомври, ќе биде прикажана претставата „Едип и Пророците“ во режија на Диана Добрева на Драмски театар Пловдив, Бугарија.
Почетокот на претставите е 20:00 часот додека цената на влезниците изнесува 200 денари.
Пет дена подоцна, на 10 октомври, во четврток, ќе се одржи свеченото затворање на фестивалот кога ќе бидат доделени и традиционалните награди рани при за претстава во целост, за режија и за женска и машка улога. Годинава фестивалското жири е во состав Владимир Милчин кој е претседател додека Маја Љутков и Ненад Витанов се членови. Фестивалот ќе биде затворен со целовечерен концерт на Ансамблот „Танец“ со програма „75 години Македонски КОД“.
Убавка Јаневска