Коцевски: Создавање услови за нови работни места приоритет во предизборната програма!

Објавено на 14 март, 2013 во 13:25

Невработеноста и тешката сиромаштија се проблем број еден кој мора да се реши. Ова денеска го истакна кандидатот за градоначалник на СДСМ, Аце Коцевски преставувајќи го делот од неговата предизборна кампања кој се однесува на локалниот економски развој.

Вели дека ако граѓаните му ја дадат довербата со својот тим ќе работи на подобрување на бизнис климата за привлекување на домашни и странски инвеститори.

„Мора да дојдат до израз способностите на менаџерите за отворање на нови производни капацитети. За таа цел општинската администрација ќе дава навремени, брзи и квалитетни услуги на стопанствениците за да им излезе во пресрет на сите нивни потреби и барања. Ќе се залагам за продажба на локации на инвеститорите со почетна цена од 1 евро за м2 и за делумно или целосно ослободување од комуналиите во зависност од бројот на новоотворени работни места“, рече Коцевски.

Тој издвои неколку приоритетни проекти кои ќе се најдат први на агендата за реализација ако седне во градоначалничката фотеља. Изградба на гасоводна мрежа, доизградба на индустриска зона Узус, Речани и Превалец и изградба на нова зона Караслари, доизградба на инфраструктурата на крајбрежјето на езеро Младост за развој на туризмот, проекти за обука на невработените, создавање фонд за финансирање на сопствен бизнис, проект – креативни наставници креативни ученици, поддршка на малите и средни претпријатија од Велес кои имаат потенцијал за извоз и отворање центар за трансфер на технологија.

„Ќе сторам се што е во надлежност на локалната самоуправа за да ги искористиме до максимум предностте на Велес, местоположбата, близината на главните патни и железнички крстопати, близината на Скопје и на аеродромот, автопатот, езерото Младост, реката Вардар, лозовите насади, образованите кадри и квалификуваната работна рака. Во рамки на законот, ќе ја штитиме и поддржуваме локалната економија и секогаш кога е тоа можно ќе ангажираме велешки фирми за работите што може квалитетно и навремено да ги завршат“, вели Коцевски.

Кандидатот за градоначалник на коалицијата „Сојуз за иднината“, Аце Коцевски своите планови за развој на економијата во градов им ги презентираше и на дел од бизнисмените со кои денеска имаше средба.

Тој предлага наместо превработување во општинската администрација, јавните институции и во ЈКП Дервен создавање на бизнис клима која ќе овозможи да дојдат до израз способностите на бизнисмените за отворање на работни места и решавање на проблемот со невработеноста.

„Ќе имам советодавен економски тим и исто така планирам да го реактивирам велешкото лоби за да ги искористиме потенцијалите на нашите сограѓани кои се на високи позиции надвор од Скопје. Планирам да воспоставам добра комуникација со нашите иселеници кои имаат инвестициски потенцијал од европските па и од прекуокеанските држави за да ги привлечеме да инвестираат во нивниот роден град,“ рече кандидатот за градоначалник Коцевски /Б.Н.

Сподели:

Напиши коментар

Станете член на ДУМА.мк и споделете го вашето мислење преку коментар. Кликнете тука за да се најавите.